Достапни линкови

„Тесна“ победа на опозицијата, составот на идната влада неизвесен


Германските политичари денеска ќе се обидат да ги соберат парчињата од вчерашните парламентарни избори кои донесоа политичка неизвесност во земјата. Според прелиминарните резултати, опозицијата предводена од шефицата на Христијано демократите Ангела Меркел победи со триесет и пет запирка два проценти од гласовите. Владејачките Социјалдемократи на канцеларот Герхард Шредер добија трисет и четири запирка три проценти. Или со други зборови, тоа и дава на Меркел само три места повеќе во парламентот.

Ни Меркел, ни Шредер не добија доволно гласови да формираат влада со помош на своите традиционални сојузници. Впрочем по прв пат во германската демократија социјалдемократите и христијано демократите заедно, не добија повеќе од седумдесет насто од гласовите. Сега се очекуваат интензивни преговори во обидот секоја од страните да формира коалиција. Меркел соопшти дека има право да формира влада со оглед на тоа дека партијата која победи го одбира идниот канцелар.

„Дами и господа, утврдивме дека црвено зелената коалиција на Социјалдемократската партија и на Зелените не е изгласана. Тоа е добра вест.“

Но, веднаш потоа беше јасно дека Шредер успеа да го постигне најфасцинантното враќање во игра во германската политичка историја. Од дваесете проценти кои му се предвидуваа тој доби скоро исто со оние што ги освои Меркел.

„Споредено со она што беше пишувано и емитувано во ова земја, јасен губитник е госпоѓа Меркел. Таа би требало да го признае тоа. Таква е вистината.“

Изјави Шредер, кој со тоа одби да го признае поразот, додавајќи дека тој е единствено способен да ја води новата таканаречена голема коалиција во која би можело да влезе и сојузот на Меркел.

„Ви велам денеска, дека ќе влезам во разговори и предвидувам дека тие ќе бидат успешни. Ако Меркел успее да формира коалиција со Либералите и Зелените тогаш не можам да кажам ништо против тоа. И нема. Но, таа нема да успее да формира коалиција со социјалдемократите. Тоа е јасно. Немојте ни да помислувате на тоа.“

Меркел ни со успехот на традиционалните сојузници либералите кои добија десет насто од гласовите, не ќе може да формира влада. Затоа, сега само може да се претпоставува што ќе биде следното. Германија има долга историја на две партиски коалициски влади, но релативно мало искуство на три партиски коалиции. Меркел најави дека е отворена за разговори, дури и за формирање голема коалиција иако, претходно оцени дека таквата влада ќе води кон стагнација на земјата.

„Ако сме најсилна партија, тогаш ќе разговараме со сите водечки партии. И тогаш ќе видиме како ние ќе можеме да формираме стабилна влада.“

Изјави Меркел која сепак вели дека во разговорите нема да ја вклучи левичарската парија Линке, односно источно германските реформирани комунисти, која доби над осум насто од гласовите. А, нив не ги сака ни Шредер.
XS
SM
MD
LG