Достапни линкови

Поттик за исполнувањето на милениумските развојни цели и реформите на ОН


Во Њујорк продолжува тридневното Генерално собрание на Обединетите Нации од кој се очекува лидерите на сто седумдесет земји во светот да го поттикнат исполнувањето на милениумските развојни цели, како и процесот на реформи во Светската Организација. Сепак, на вчерашното отворање на јубилејното шеесето собрание, главна тема беше борбата против тероризмот.

Генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан го започна самитот со апел до лидерите да се посветат на постигнување на идеалите на Светската организација, вклучувајќи ја и она за свет без тероризам.

,,Граѓанското општетство и верските лидери мора да го кренат нивниот глас против тероризмот. Мораме на сите да им ставиме до знаење дека никогаш нема да биде оправдан никаков вид на тероризам без оглед на тоа кој, каде и со каква цел го сторил.”

Порача Анан. Американскиот претседател Џорџ Буш пак, побара од Советот за безбедност повеќе да се ангажира во запирањето на терористичките акти.

,,Мораме да им испратиме јасна порака на незаконските режими кои го спонзорираат теророт: Нема да ви биде дозволено да им се заканувате на мирот и стабилноста во светот.”

Изјави Буш, наведувајќи дека подобрувањето на економските услови и ширењето на демократијата ќе го донесат светот поблиску до мирот. Од друга страна, претседателот на Светската банка Пол Волфовиц говорејќи на Генералното собрание, рече дека, во рамките на борбата против сиромаштијата, неразвиените земји мораат да ги зголемат напорите.,,Одговорноста да се работи повеќе и подобро не може да му биде препуштена само на развиениот дел од светот,, изјави Волфовиц кој до неодамна беше заменик американски секретар за одбрана. Во меѓувреме, Советот за безбедност, по повод самитот, едногласно усвои две резолуции. Во онаа за спречување на потикнувањето на тероризмот се бара од владите да им се спротивстават на екстремистичките идеологии. Во втората резолуција се наведува дека е потребно поголемо залагање на Обединетите Нации во спречувањето на внатрешните кризи со цел да не прераснат во оружени судири. Според американскиот амбасадор во Обединетите Нации Џон Болтон, резолуциите од самитот ги содржат клучните американски приоритети.

,,Ова е само прв чекор. Тоа е поради природата на Обединетите Нации. Промените што ги сакаме и во начинот на функционирањето на секретаријатот и во начинот на работата на земјите членки треба да бидат посуштински. Затоа сме задоволни од овој прв добар чекор.”

оценува американскиот амабасадор во Обединетите Нации Џон Болтон.
XS
SM
MD
LG