Достапни линкови

Повеќе од 90 загинати и стотици повредени


Повеќе од деведесет загинати и стотици повредени, е биланост од денешните неколку напади во Ирак, соопштија ирачките сили за безбедност. До најновите насилства дојде ден откако ирачкиот претседател Џалал Талабани во Вашингтон изјави дека се подобрила безбедносната состојба во неговата земја.

Ирачката полиција соопшти дека првиот напад бил изведен во Багдад од бомбаш самоубиец кој со своето возило влегол во групата работници кои чекале да бидат ангажирани во тамошното градилиште. Станува збор за плоштадот на шиитската област Кадимија, позната по неодамнешното човечко стампедо во кое загинаа неколку стотици луѓе. Другиот инцидент се случи во местото Таџи, околу петнаесет киломтери северно од Багдад а во кој загинаа над седумнаесет цивили. ,,Вооружени луѓе во воени униформи и со воени возила стигнаа во Таџи. Тие запреле неколкумина членови на племето Бани Тамим и потоа на плоштадот ги убиле,, соопштија од ирачкото министерство за внатрешни работи. Постојат извештаи за уште еден напад со автомобил бомба во западниот дел на Багдад во кој загинале десетина луѓе. Сето ова се случи само неколку часа откако ирачкиот претседател Џалал Талабани изјави дека безбедносната состојба во неговата земја се подобрила.

„Има напредок во безбедноста во нашата земја. Бројот на напади со автомобили бомби е намален. Местата кои беа под свирепа контрола на терористите сега се ослободени и таму се врши регистрација за новите избори.“

Оцени Талабани на прес конференцијата во Вашингтон по неговите разговори со американскиот претседател Џорџ Буш. Талабани изрази надеж дека во идната година е можно дел од американските војници да бидат повлечени од Ирак.

„Се надеваме дека до крајот на две илјади и шеста, нашите безбедносни сили да го достигнат нивото на кое ќе можат да ја преземат одговорноста за сигурноста во земјата од американските сили.“

Изјави ирачкиот претседател Џалал Талабани кој сепак смета дека американското и меѓународното присуство во Ирак е витално за демократијата во земјата, но и на Блискиот Исток. Тоа, според него, придонесува за спречување на надворешното мешање во внатрешните работи на Ирак. Во контекст на тоа беше и забелешката на претседателот Буш:

„Сирискиот лидер мора да сфати дека дека ние сериозно сме загрижени поради тоа што тој не презема никаква акција. Сириската влада ќе биде се повеќе изолирана како резултат на некооперативноста со ирачката влада во врска со безбедноста на Ирак.“

Изјави претседателот Џорџ Буш по разговорите во Вашингтон со шефот на ирачката држава Џалал Талабани.
XS
SM
MD
LG