Достапни линкови

logo-print

Во Норвешка најдобро се живее, Македонија на 60 место


Во Њујорк вчера беше претставен најновиот извештај за човековиот развој за минатата година што го подгови Програмата за развој на Обединетите Нации. Земја каде што најдобро се живее, веќе петта година за ред е Норвешка. Македонија е на шеесетата позиција.

Програмата за развој на Обединетите Нации во последниот извештај ги анализираше условите за живот во сто седумдесет и седум држави и територии. Во пресметувањето на индексот на развој се вклучени повеќе фактори, меѓу кои најважни се просечниот животен век на населението, писменоста и бруто домашниот производ по глава на жител. Според сето ова Македонија се најде на шеесетото место и спаѓа во земјите со среден човеков развој со индекс од нула запирка седумстотини деведесет и три единици. На првото место веќе пет години едно по друго се најде Норвешка, а по неа следуваат Исланд, Австрија, Луксембург, Канада, Шведска, Швајцарија, Италија, Белгија, Соединетите Држави.

,,Мислам дека Норвешка е најдобра земја за живеење. Има многу свеж воздух, шуми и фјордови. Ние во Норвешка имаме толку многу.”

,,Мислам дека е добра земја за живеење, бидеќи ги делиме парите. Богатите делат со сиромашните. Мислам дека во тоа е тајната. И во тоа што имаме нафта.“

Велат некои од жителите на Норвешка. Сепак, има и такви кои мислат дека не е се така розево:

,,Обединетите нации велат дека Норвешка е број два или број еден според животниот стандард. Но, моето мислење е дека народот станува се посиромашен и посиромашен, а владата се побогата и побогата.”

Премиерот Кјел Магне Бондевик задоволен од извештајот најави помош за сиромашните земји:

,,Секако дека е задоволство за нас што уште една година сме на врвот на листата. Но за мене е уште поважно да се фокусираме врз земјите кои се на нејзиниот крај. Дваесет и осум од триесете такви земји се од Африка. Затоа Норвешка сега ќе ја зголеми помошта за Африка.”

Рече Бондевик. Имено, на последното место на извештајот на Обединетите нации се наоѓа Нигер, по што се Сиера Леоне, Буркина Фасо, Мали, Чад, Гвинеја Бисао и Централно африканската република. Светската организација пердупредува дека доколку не бидат преземени радикални мерки не ќе може до две илјади и петнаесетата да биде остварено преполовување на сиромаштијата во светот.
XS
SM
MD
LG