Достапни линкови

Само власта верува во скорото започнување на преговорите за членство


Најновите испитувања на јавното мислење во Хрватска, покажуваат се поголем еуроскептицизам меѓу народот, а судејќи и според изјавите и оценките на експертите и опозиционите политичари, во скорото започнување на преговорите за членство на земјата во Европската Унија, во овој момент единствено верува Владата на Санадер.

Само 39% од хрватските граѓани го подржуваат членството на Хрватска во Европската Унија, а 12 посто веруваат дека преговорите би можеле да започнат за време на британското претседавање со Унијата. Ова го покажуваат најновите истражувања на јавното мислење во Хрватска, а ништо поголем оптимизам во поглед на започнувањето на преговорите нема ниту кај експертите. Хрватскиот експерт за надворешна политика, Давор Џенеро вели:

„Како што гледам, оптимист е само г-динот Санадер, а хрватската дипломатија е прилично резигнирана. Тоа што меѓу хрватската јавност е се поголема евро- скептичноста во поглед на процесите врзани со земјата, сигурно во Брисел не ни оди во полза“.

Изјавува експертот Џенеро кој оценува дека Хрватска од март до денеска нема направено ниту еден чекор напредок:

„Кога веќе не е во состојба, или не сака, да го уапси генералот Готовина, Хрватска требаше но, пропушти да направи некои други процеси со кои барем ќе покажеше дека е подготвена да се справи со последиците од тоталитарните режими и со последиците од политички планираните воени злосторства. Значи, кога Хрватска би сторила нешто конкретно, тогаш сигурно ќе делуваше дека навистина сака во потполност да соработува со Хашкиот трибунал и дека сака да воспостави владеење на правото“.


Освен потполна соработка со Хашкиот трибунал, Џенеро потсетува и на уште два други важни критериуми од Копенхаген кој се битни за започнување на преговорите, а тоа се – враќањето на бегалците и заштита на правата на малцинствата, како и регионалната соработка што според него во моментов се проблематични прашања.

Потпретседателот на собранискиот Одбор за надворешна политика Никола Иваниш, смета дека Европа и покрај се, треба да ја охрабри Владата на Санадер која е проевропски настроена, со тоа што ќе ги започне преговорите со Хрватска:

„Политичарите се подготвени, но се плашам дека сеуште не ја разбираат балканската проблематика. Стартот на преговорите би ги придвижило сите во позитивен правец. Со тоа ќе се охрабрат и проевропските сили во Босна и во Србија“.

Забележува Иваниш кој додава дека токму заради блокирањето на преговорите со Хрватска, државите од регионот се во дефанзива, што вели тој, е лошо за сите.
XS
SM
MD
LG