Достапни линкови

Македонските земјоделци немаат стратегија во одгледувањето на пченица, што влијае на високата цена


Македонските земјоделци мораат да го намалат производството на пченица, односно да го произведуваат само оние кои имаат услови да постигнат квалитет и цена прифатлива за пазарот, тврди професорот од Земјоделскиот факултет Борис Анакиев. Македонија не е земја на која успешно вирее пченицата и затоа секоја година се соочуваме со истиот проблем, земјоделците упорно да ги сеат нивите и на крајот да продаваат производ за 30 % поскап од оној во соседните земји:

„Ние немаме природни услови за конкурентен принос, ниту имаме богата почва како што е на пример во Војводина, каде што има клима со повеќе врнежи, каде што има поголеми комплекси за ефтина примена на механизацијата. И сето тоа се причини за да немаме конкурентност.“

Вели професорот Анакиев.
Пченицата, пченката, сончогледот и шеќерната репка се континентални култури кои во земјава не виреат успешно. Овоштарството, лозарството, градинарството како и производството на сточна храна, се култури кои можат да бидат многу попрофитабилни за македонскиот земјоделец:

„Ако тие производи ги подготвиме и бидат продадени на светскиот пазар, тогаш ние лесно ќе си купиме евтино жито на светскиот пазар.“

Проблемот е и во немањето на стокова берза, на која во исто време ќе се јавуваат и купувачот и продавачот, каде точно ќе биде утврдена пазарната цена и каде секој земјоделец ќе знае дали е способен да ја постигне потребната цена.

„Ние сме подрачје каде цената на земјоделските производи може да се формира многу реално, каде земјоделците ќе ги научиме како да се подготви производот за пазар, како се пакува, како се изнесува на пазар, какви односи треба да владеат кога ќе се појават на берзата итн.“

Според Анакиев, субвенционирањето во цената на пченицата од страна на државата е можно решение за надминување на проблемот, а ова решение се практикува и од другите европски земји. Понудата на земјоделците, државата да интервенира со два денари по килограм, мора да биде прифатена од Владата, вели Анакиев:

„Ова што се бара 10 денари, односно државата да помогне со два денари по килограм, е реално и не се коси со нормативите на европската аграрна политика и Светската трговска организација.“

Додека во соседните земји пченицата се продава по 90 евра за тон, кај нас овој производ достигна цена од 130 евра за еден тон. Малите површини на кои се сее пченицата и поради тоа високите трошоци за нејзино одгледување, се причина плус за високата цена на домашната пченица.
XS
SM
MD
LG