Достапни линкови

По најавата за штрајк, во понеделник разговори со Министерството за здравство


Незадоволството во Синдикатот на вработените во Клиничкиот центар во Скопје, станува се поотворено. Откако на почетокот на летото најавија дека во септември ќе штрајкуваат, претседателот на Синдикатот д-р Ацо Саздовски разочаран од непроменетите состојби на Клиниките од една страна и новите рестриктивни услови за организирање на штрајк, потсетува дека фрустрираноста од ниските плати меѓу лекарите, медицинските сестри и професорите што работат на скопските Клиники го прелева прагот на толерантноста:

„Во некои општествени и јавни сектори се покачија платите, како на пример, во судството, еве сега и за образованието се најавува, исто така и пратеничките плати се зголемија, така да останаа само нашите плати „смешни“ кога ќе се споредат со другите плати.“

Тој од друга страна и забележува на Владата што со новите закони влијае обесхрабрувачки врз вработените, за да организираат радикална форма на притисок.

„Мудрите власти, така и нашава, си донесе еден закон со кој што велат дека нема плата за време на штрајк, потоа дека два проценти од учесниците работодавачот може да ги острани доколку смета дека недемократски се однесуваат. И сето тоа малку внесува немир кај луѓето, но сепак генералното расположение е дека штрајк треба да има.“

Во меѓувреме независно од Синдикатот на Клиничкиот центар во Скопје, минатиот месец сигнал дека може да излезат на улица прати и Синдикатот на здравствените работници од Сојузот на Синдикатите:

„Платите ни каснат по 15 дена, второ бараме корекција на најниската плата, во границите на можното и исто така сакаме да бидеме вклучени во она што ќе се случува со приватизацијата во здравството.“

Вели Симон Сиљановски од Сојузот на синдикати на вработените во здравството. Тој се надева дека на разговорите што од понеделник треба да започнат со претставници на Министерството за здравство, ќе биде најдено соодветно решение, со што би се исклучила можноста за штрајк на над 20 илјади вработени во здравството. Штрајкот како мерка на притисок на здравствените работници не е популарен начин за наоѓање на решение особено во Владините институции. Директорот на Фондот за здравство, Никола Пановски укажува:

„Од 14 и пол милијарди буџет на Фондот, ако сега одат седум милијарди за плати, тогаш сега сите ќе одат за плати и можеме да го затвориме Фондот и нема да има тендери, нема да има јавни набавки, нема купување лекови и нема да има ништо“

Лекарите во најголемата здравствена установа во државата, сметат дека нивните барања за зголемување на платите не се дрски:

„Платите на медицинските сестри се од 10 до 13 илјади денари, на специјалистите се од 18 до 20 илјади и на професорите се од 27 до 28 илјади денари. Тоа се смешни плати и практично секогаш се на наша штета.“

Според д-р Саздовски многу понеупатни се привилегиите што во меѓувреме си ги обезбедија пратениците со законот кој предвидува нивно бенифицирано пензионирање.
XS
SM
MD
LG