Достапни линкови

logo-print

Аранжманот со ММФ значаен за продолжување на реформите


Продолжувањето на аранжманите со ММФ се значајни за Македонија, оти на тој начин земјата покажува дека не се откажува од спроведувањето на потребните реформи. Вака размислуваат експертите според кои пак политиката која ја заговара Македонскиот монетарен фонд не продуцира значајна стапка на економски раст.

„Македонија една декада е во макроекономска стабилност. Потребен и е раст. Таа е единствена земја во регионот со нулта стапка на раст. Впрочем и Србија и Црна Гора во последната година забележуваше раст од шест седум насто, а да не зборуваме за Албанија и Бугарија коишто постојано имаат толкав раст. Ние сеуште сме со нулта стапка,“

вели проф. Абдулменаф Беџети од Штуловиот универзитет

Според него аранжманот не содржи голема сума на пари, но тие што ги има треба првенствено да бидат наменети за структурни реформи.

„Треба да бидат наменети за структурни реформи. Ако тоа не се направи така, ќе биде како и до сега.“

Според проф. Трајко Славевски овој тригодишен аранжман претставува поддршка на барањата да се завршат реформите во повеќе области,

„Да се задржи макроекономската стабилност, фискална одржливост, значи буџетски дефицит што ќе може да се покрива, а исто така да се направат реформи во најзагрозените сектори во Македонија, како здравството, во смисол на подобар менаџмент со секторот,“

објаснува проф. Трајко Славевски од економскиот факултет.

Тој потенцира дека еден од ризиците на овој аранжман е дефицитот во платните биланси. Во однос на политиката на курсот на денарот мислењата на експертите се поделени. За Славевски промената на курсот на денарот може да предизвика негативни ефекти во македонската економија.

„Евентуална промена на курсот покрај позитивните ефекти би предизвикала негативни ефекти на билансите на претпријатијата и на домаќинствата, поради задолженоста во Македонија што се врзува со странска валута.“

Според проф. Беџети пак, на Македонија И е потребен флексибилен курс на денарот.

„Македонија треба да влезе во фаза на порелаксирана фискална и монетарна политика.“

Експертите истакнуваат дека освен за спроведување на потребните реформи,парите од овој аранжман ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит.
XS
SM
MD
LG