Достапни линкови

По Катрина - хаос


По Катрина, хаос. Вака граѓаните на Њу Орлеанс, најпогодениот град на американскиот југ од минувањето на ураганот Катрина, ја опишуваат состојбата во која се наоѓаат неколку дена. Единствена добра вест е тоа што нивото на водата во скоро поплавениот град веќе не се покачува. Се друго, од пристигнувањето на помошта, па се до спорадичните престрелки меѓу полицијата и крадците, наликува на град без закон.

Гувернерот на Луизијана Кетлин Бланко ги предупреди ограбувачите во Њу Орлеанс дека силите на Националната гарда добиле наредба да пукаат и убиваат во неопходноста да се воспостави ред и поредок во градот кој, по минувањето на ураганот Катрина, наликува на уништен град. Предупредувањето на Бланко дојде откако зачестија извештаите за грабежи, престрелки и насилства во Њу Орлеанс и тоа во моментите кога властите се обидуваат да евакуираат десетици илјади преживеани од ураганот. Условите во Њу Орлеанс се опишуваат како целосно небезбедни, нехигиенски и разочарувачки за оние што се уште чекаат да бидат спасени или да добијат помош во храна и вода за пиење.

„Никој не е одговорен. Националната града, полицијата, нема никој. Треба некој да ја преземе организацијата и да им обезбеди сигурност на овие луѓе и да им го даде она што им најпотребно.“

Вели една жителка на Њу Орлеанс. Гувернерката Кетлин Бланко најави дека во областите погодени од невремето ќе бидат распоредни десетици илјади американски војници кои ќе помагаат во евакуацијата, но и во спречувањето на грабежите. Генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан изјави дека Обединетите Нации се подготвени да асистираат во американските напори за помош на жртвите од ураганот.

„Штетата е многу полоша од она што изгледаше во почетокот. Американскиот народ кој секогаш беше најдарежлив во помошта од катастрофите во другите делови на светот, сега и самиот страда во голема болка. Јас зборувам во името на целиот свет и ја нудам сета помош што Обединетите Нации можат да ја дадат.“

Изјави Анан. Повеќе од дваесет земји веќе понудија помош а, извори во Вашингтон велат дека американската администрација ќе ги прифати. Според Јан Игеланд, шефот на Обединетите Нацуии за спасувачки операции, ураганот Катрина е една од најдеструктивните природни несреќи што некогаш се случила во светот. Во економска смисла, овој ураган бил полош од минатогодиното цунами што ги погоди бреговите на Индискиот Океан, смета Игеланд, прецизирајќи дека станува збор за над дваесет милијарди долари. Во меѓувреме, американскиот конгрес го прифати барањето на претседателот Џорџ Буш за одобрување на над десет милијарди долари како прва помош на погодените од ураганот.

„Оваа обнова ќе биде долг процес со многу работа, трпеливост, решеност и секако многу пари. Федералната влада ќе направи што е можно, но тоа треба да го стори и приватниот сектор.“

Изјави претседателот Буш. Инаку, се уште не е соопштен официјалниот број на жртвите. Се стархува дека тој би можело да изнесува над илјада.
XS
SM
MD
LG