Достапни линкови

Пред вакви случаи, законот останува со „куси ракави“


Во Македонија не владее правото, токму заради тоа речиси секој ден сме сведоци на нови преседани кои ги прават правосудните органи, па дури и Владата која тврди дека таа не се меша во работата на овие институции бидејќи тие се независни. Агим Красниќи чии заложници беа, не само граѓаните на Скопје, туку и целата држава, преку ноќ беше ослободен, односно како што официјално велат од скопското јавно обвинителство дозволено му е да се брани од слобода. Истата постапка сега ја бараат и жителите на Брест, за нивниот командант кој исто така владееше со дел од територијата на земјата не дозволувајќи на безбедносните структури да ги вршат своите секојдневни обврски:

„Барањето на Командантот Бреза или на било кој друг што ќе се јави, е повикување на ист третман. Тие на еден општ, неконкретизиран начин ќе кажат дека се слични случаи како и претходниот и ќе речат зошто за него се применува еден режим, а за нив сосема друг. И тука навистина се создава голема конфузија во која со „куси ракави“ останува и законот и надлежните органи. Секој оној што може да прогласува слободни територии и да бара третман како некој претходен, тогаш тоа зборува дека непости држава“.

Вели професорот Владо Поповски од Правниот Факултет кој додава:

„Не би можело индивидуално да се решава и погрешен е методот на индивидуално постапување, посебно кога е нетранспарентно и необразложено со сите елементи.“

Неговиот колега Гордан Калајџиев, кој е професор по Кривично право вели дека последниот случај со Красниќи нема ништо заедничко со правото. Според него се работи за политички договор:

„Принципелно ние не би можеле да оправдаме било какво, условно кажано, помилување на криминалци“.

Од владеачката партија ДУИ пак, потенцираат дека тие се во контакт со жителите од Брест и дека се подготвени да се сретнат и со Хамди Бајрамовски- командант Бреза, за да го убедат да се појави пред истражните органи:

„Јас имав некои телефонски контакти со жителите од Брест. Мислам дека проблемот треба да се реши по институционален пат и Бреза да се јави пред органите. Тоа е најдобро и за него самиот и за мештаните од тоа село“

Вели Рафиз Алити, потпретседател на ДУИ.
XS
SM
MD
LG