Достапни линкови

logo-print

Евакуирани жителите на Њу Орлеанс


Властите на јужната американска држава Луизијана им наредија на жителите на Њу Орлеанс да го напуштат градот, како превентивна мерка од ураганот Катрина, кој се приближува до Мексичкиот Залив со брзина од 260 километри на час. Се смета дека Ураганот е од 5-та категорија, односно на врвот од скалата на ураганите , според интензитетот. Главниот удар се очекува денеска. Американскиот претседател Џорџ Буш исто така ги повика граѓаните да ги напуштат областите каде што се очекува ураганот.

„Ние не можеме доволно да ја нагласиме опасноста од овој ураган за жителите на Заливот. Ги повикувам сите граѓани, во интерес на нивната безбедност и безбедноста на нивните семејства, да се евакуираат во безбедните региони.“

Голем дел од граѓаните на Њу Орлеанс ги послушаа препораките на властите, па на патиштата кои водат кон континенталниот дел на Соединетите Држави има метежи. Десетици илјади луѓе, кои не можеа да го напуштат градот, се сместени на главниот стадион, каде што, според властите, ќе бидат на безбедно. Градоначалникот на Њу Орлеанс упати уште еден апел до граѓаните.

„Не сакам да предизвикувам паника, но сакам граѓаните да сфатат дека ова е многу сериозна ситуација и затоа превземаме посебни мерки. Најдобро е сите, без исклучок, да се префрлат на безбедни места или во градските прифатни центри.“

Ураганот Катрина се формира на Бахамите во четвртокот и ја погоди американската држава Флорида, кога настрадаа 7 луѓе, но сега е многу посилен. Според очекувањата, овој ураган ќе биде едно од најголемите невремиња, кои ги погодиле Соединетите Држави. Доколку се остварат прогнозите, тоа ќе биде најголема природна катастрофа со која се справувал Црвениот Крст, изјави Џо Бекер, претставник на американскиот Црвен Крст.
XS
SM
MD
LG