Достапни линкови

logo-print

Цане Мојановски, претседател на Комисијата за односи со верските заедници. Нема решение меѓу СПЦ и МПЦ, без дијалог


Г-дине Мојановски каков е вашиот став за затварањето на Вранишковски?

Тоа е одлука на судски орган и знате дека одлуките на судски органи не би требало да се коментираат, но очигледно е дека оваа одлука на судот во Битола предизвика многу реакции кај православните структури во светот и кај одделни организиции кои се грижат за заштита на човековите слободи и права. Во однос на доследноста на примената на слободата и правата посебно на слободата на вероисповест, прашање е, дали на пример тоа однесување предизвикува верска омраза? Навистина е тешко да се определи кога станува збор за повреда на таа слобода и дали е предизвикана верска омраза. И од тој агол се сосема во право Здруженијата за заштита на слободите и правата, затоа што слободата е неприкосновена. Кога станува збор за мојот личен став, приврзаник сум на таквите гледишта, но кога станува збор за човек кој е врзан само со определена законска рамка, ние навистина немаме инструмент со кој што би можеле како државен орган на сите слободољубиви граѓани во светот да им соопштиме дека можеме да преземеме некакви мерки. Во таа смисла вклучително и мојот личен став, зборуваат дека станува збор за еден таков пристап. Јас сум приврзаник на таквото гледиште дека слободата на вероисповеста треба да ги ужива највисоките стандарди.

Како ги коментирате најновите притисоци од страна на Српската православна црква брз македонската?

Тоа прашање е многу сложено за одговор. Овој спор траел од 1941-43-та година кога е одржано првото свештеничко собрание во Македонија. Во 1958 година е донесена одлука од страна на СПЦ и во Македонија е организиран црковниот живот, но најинтересно е што во таа организација постојат интереси кои се нецрковни, инаку зошто тогаш на православната црква во Србија или во било која православна земја би им сметало да богослужи македонски свештеник и обратно!? Зошто било кој православен свештеник во светот не би можел да богослужи во Македонија, доколку нема некои канонски прашања!? Објективно е да мислиме дека станува збор за прашања кои не се врзани со суштината на односите во религија туку се врзани со некои други интереси. Во православието, историјата на религијата покажува дека најчесто таа е врзана со државите, односно дека определни интереси на државата се рефлектираат преку црквата исто како што и црквата покажува многу интерес за политиката. Тоа е состојба и кај нас. Впрочем определени црковни претставници заземаат политички стојалишта по одредени прашања.

Сметате дека подлабоко во проблемот помеѓу двете цркви стои политиката?

Да, бидејќи историјата на македонскиот народ е многу сложена. Кон крајот на 19 век, овде делувале три црковни јурисдикции, бугарската, српската и цариградската. После Првата светска војна, формирањето на обиденетата Српска православна црква е исто така едно прашање кое што создава и генерира многу прашања кои сега се отвараат. Така да отворањето на прашањето со македонската православна црква, нужно го отвара и прашањето на црногорската православна црква. Моето лично мислење е дека станува збор за инволвираност на политичките интереси во таа свера.

Во јавноста се појавија шпекулации за инволвираност и на други цркви кои стојат зад српската. Какво е вашето мислење?

Ако зборуваме, настрана од положбата на еден човек кој е државен службеник или впрочем човек кој што води еден државен орган, тогаш веројатно се можни. Дури и ако ја набљудувате генезата на проблемот тогаш може да се прифати едно такво гледиште.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј и други црковни лица испратија писма до разни институции. Колку сте запознаени со нивната содржина?

Ние како државен орган имаме писмо само од српскиот министер за вера г-динот Радуловиќ, а за другите писма доставени до другите државни органи, немам поконкретна информација туку од медиумите сум информиран. Станува збор за пристап во кој што тој мирољубив свет кој се грижи за слободата на вероисповеста покажува грижа за начинот на оценката во остварувањето на слободата на вероисповеста, во делот на изразувањето на верата.

Како може да се намине проблемот меѓу српската и македонската православна црква?

Нема решение без дијалог. Излезот е во дијалогот, но секогаш треба да се има во предвид дека кога сакате да разговарате со некого, треба да го почитувате и соговорникот, неможе да се води дијалог доколку сакате да поставите услови. И во таа смисла ние во почетокот на ноември ќе организираме една Балканска Конференција на тема „Меѓуверскиот дијалог на Балканот“ и се надеваме дека како државен орган ќе создадеме простор, еден форум на кој различните верски конфесии на Балканот и претставниците на државните органи од сите балкански органи, за што веќе од сите освен од претставниците на Србија и Црна Гора и Грција имаме согласност, така да мислиме дека тоа е просторот кој ние како државен орган можеме да го оствариме, а на црковните организации на МПЦ и СПЦ останува да изнајдат механизам на кој начин тоа ќе го решат.

МПЦ најави дека ќе бара манастирот Прохор Пчињски да и припадне на Македонија. Како ја коментирате оваа најава?

Мислам дека тоа прашање е непотребно и тоа од две причини. Прво, прашањето со границата или воопшто со териториите е прашање на македонската држава и на државата на Србија и Црна Гора, а како што знаете тој процес трае и границата не е одбележана. Второ, отварањето на тоа прашање во сегашен контекст, е дефокусирање на главниот проблем и создавање на „приказни“ за некои други позиции на Македонија и македонската држава.

Каква е соработката на Комисијата со другите верски заедници и религиозни групи во Македонија?

Имаме плодна соработка со сите верски и религиозни групи. Во Македонија постои еден меѓуверски совет кој е формиран од страна на Претседателот на државата во 2001 година, тоа е неформално тело во кое комуницираат најдоминантните верски заедници, а кој воедно се појавија како фактор во создавањето на работната верзија на Законот за верски заедници во Македонија и тоа е еден фактор кој што создава услови за релативно високо ниво на меѓуверска толеранција во Македонија. Сакам да кажам дека ние како државен орган се понудивме и остваривме некоку средби, за да им пружиме помош на преставниците на исламската верска заедница во врска со пројавените внатрешни проблеми. Ние како државен орган не сакаме да се мешаме во прашањата кои внатре настануваат, но искажуваме јавно воља да им помогнеме доколку тие го оценат тоа.

Според вас на што се последица превирањата во исламската и во православната верска заедница? Губење на вредности или нешто друго?

Има многу фактори, но доколку ги слушате коментарите најчесто тие настануваат како резултат на губење на функцијата на определни организации. Вие можете да чуете дека верските организации некои ги нарекуваат бизнис клубови, односно тоа се стрктури во кои се „вртат“ еден добар дел од парите. Дел од недоразбирањата се токму поради тоа, а дел од недоразбирањата се резултат на различните концепти на изразување на верата, дел од проблемите се немањето лидерство, потоа стратегиски интереси итн. Така да, ако почнеме сите овие елементи да ги елаборираме тогаш нужно ќе видиме дека сите тие помалку влијаат на оваа појава. Дали верските заедници ги изгубиле вредностите? Веројатно! Инаку како би ја прифатиле се пожестоката критика во однос на практикувањето на определени земски однесувања на црковните великодостојници, како би го третирале вложувањето на огромни пари, односно на мал простор да се подигнуваат огромни верски објекти, а се знае дека населението нема толку пари... Но, сепак нема да бидеме коректни ако не кажеме дека верските институции за жал се користат и за политички цели и тоа се покажува. Погледнете ги судирите на Балканот во поседните 15 години, погледнете ги движењата во определени конфесии кои настануваат, а кои се се рефлектираат во Македонија. Ние би биле слепи како луѓе доколку тие прашања не ги идентификуваме на тој начин. Но прашањето е сега, колку сега ние како претставници на државни органи создаваме правна рамка, слободите да се остваруваат непречено, но да се санкционираат односи кои што ја злоупотребуваат слободата.
XS
SM
MD
LG