Достапни линкови

logo-print

Вилијам Стенли Мервин, лауреат на Струшките вечери на поезијата. Фестивалот во Струга вистински израз на поезијата и уметноста


Г-дине Вилијам Стенли Мервин што за вас значи највисоката награда Златен венец што годинава ја добивте на Струшките вечери на поезијата и како ја доживувате Струга и фестивалот?

Чест ми е и ме трогнува што добивам награда на еден ваков фестивал во една европска земја што има огромна и древна традиција на Балканот, каде поезијата започнала дури пред четири илјади години, што говори за традиција многу подолга отколку традицијата во САД, мојата земја. На фестивалот доаѓам трет пат. Пред повеќе од три децении Струга наликуваше на рустична населба, мене ми се допаѓаше токму тоа, а сега гледам многу нови изградени згради. Но, она што воопшто не е изменето се вашите чувства за поетите, поезијата и уметноста, тоа е прекрасна работа. Многу е важно што фестивалот во Струга е вистински израз на поезијата и уметноста, а народот овде тоа силно го чувствува и афирмира.

Ве нарекуваат „жива легенда“ на современата светска поезија. Што е карактеристично за вашиот поетски израз и што мислите за македонската поезија?

Мојата поезија е како и секоја друга, таа е за животот и за смртта, но не на начинот на кој вообичаено се гледа на смртта, туку дека секој момент од нашиот живот е некој вид на смрт. Што се однесува до македонската поезија, јас не сум некој експерт за неа, го знам само она што е преведено но, интересно е кога во поезијата на друга земја, кај различни поети се препознаваат исти теми, како оние за животот и смртта. Сметам дека во Америка малку се знае за македонските поети, но парадоксот е во тоа што во Америка никој не знае ниту за американските поети.

Роден сте во Њујорк, но веќе триесет години живеете на еден остров на Хаваите, како излгеда вашиот живот и која е вашата пораката до луѓето што ја упатувате од Струга?

Живеам на Хаваите во едно мало село, во еден пошумен простор со дрвја што јас ги засадив. Во тоа мирно место јас пишувам наутро па се до пладне, а попладне работам во градината. Се залагам за заштита на природата и за продолжување на животот на китовите. Од ова место на Охридското езеро што со својата убавина го одзема здивот, од Струга вистинскиот симбол на поетите, сакам на луѓето да им порачам да живеат гледајќи го и слушајќи го она што е пред нив.
XS
SM
MD
LG