Достапни линкови

logo-print

Човековите права на Косово и натаму во сериозен јаз со меѓународните стандарди


Општата ситуација во областа на човековите права на Косово, и покрај некои подобрувања, и натаму се во сериозен јаз во односот на меѓународните стандарди. Ова во интервју за Радио Слободна Европа го оценува омбудсманот на Косово Марек Антони Новицки од кое ви пренесуваме неколку делови.

Косовскиот омбудсман Марек Антони Новицки е човек со најдолг стаж меѓу меѓународните претставници на Косово. Тој кон крајот на годинава заминува од таа функција, а на чело на оваа значајна институција треба да дојде косовски претставник. Новицки со кого во Приштина разговараше новинарот на Радио Слободна Европа Арбана Видишиќи смета дека се потребни уште многу напори за да се биде во состојба да се зборува за подобрување на човековите права. Затоа тој не гледа зошто би го сменил ставот дека на Косово нема услови за враќање на раселените.

„Не гледам причина да го сменам тој став што го имам подолго време, дури и од времето кога Обединетите Нации и другите организации изразуваа ентузијазам за процесот на враќањето кој има многу пречки. Кога зборуваме за бројот на лицата кои се вратија и тоа го споредиме со оние што се раселени, тогаш навистина станува збор за скормен процес. Исто така морам да кажам дека нема перспектива за одржливо враќање, ако тоа враќање го нема во урбаните средини, во градовите.“

Вели Новицки, додавајќи дека оние што живеат во градовите се многу битни за цврстината на една национална заедница. На прашањето кои се главните пречки за враќањето на бегалците тој наведува:

„Има многу фактори што треба да се земат предвид. Сепак, безбедносната ситуација на Косово не е многу охрабрувачка и, според моето мислење, во тој правец треба да се стори нешто повеќе. Економската ситуација исто така не помага. За да се има нормален живот, пред се треба да постојат услови, значи средства, не само за да се преживее, туку и да се живее нормално. Значајна улога игра и прашањето за конечниот статус на Косово.“

Косовскиот омбудсман неодмна излезе со идеја оти е неопходно да се формира Суд за човекови права на Косово.

„Тоа не е само моја идеја. Таа најпрвин беше изразена од страна на парламентарнците на Совет на Европа во јануари оваа година. Европа има можности да се жали на судот за човекови права во Стразбур, додека Косово, поради статусот, го нема тоа право. Затоа мислам дека е добро едно вакво привремено решение.“

Вели, меѓу другото, омбудсманот на Косово Марек Антони Новицки во интервјуто за Радио Слободна Европа.
XS
SM
MD
LG