Достапни линкови

Случајот Вранишковски не може да ги поремети односите меѓу верниците во Македонија


Писмото кое вселенскиот патријарх Вартоломеј го испрати до премиерот Владо Бучковски, а во кое тој бара итно ослободување на расчинетиот Јован Вранишковски, е доказ дека сите православни цркви во светот се дезинформирани за случувањата меѓу МПЦ и СПЦ. Вака владиоката преспанско-пелагониски Петар ја коментира најновата реакција од Вселенската Патријаршија во врска со случајот Вранишковски:

,,Нашето опстојување не зависи од тоа дали некој ќе ни ја даде или нема да ни ја даде поддршката. Ние ќе постоиме и без поддршка и со поддршка. Се работи дали оние кои се повикани да пресудат правилно и да имаат ист аршин за сите цркви, држави или народи, кон нас ќе имаат друг аршин,”

вели владиката преспанско – пелагониски Петар, истакнувајќи дека тешко е да се предвиди понатамошниот тек на настаните, оти ова прашање е исклучиво политичко. Според проф. Ило Трајковски од филозофскиот факултет МПЦ се наоѓа во една специфична ситуација од која таа може да излезе преку заедничко дејствување на црквата со своите верници:

,,Она што на МПЦ и останува е да се сплоти со народот затоа што до сега не била во ваква ситуација. Очигледно дека се работи за координираност на СПЦ и друга соседна православна црква и дека не се работи за верско прашање,”

вели Трајковски, додавајќи дека е потребно уште многу време за конечното решение за овој проблем, истакнувајќи дека при тоа православната црковна организација треба да примени нови методи за изнаоѓање на правилното решение. Проф. Љубомир Цуцуловски пак, смета дека и кај двете страни во спорот очигледно е заедничкото дејствување меѓу црквата и државата што пак го нарушува принципот на секуларност меѓу државните и црковните власти.

,,Проблемот е по малку и надуен од двете страни. Дури и да дојдеше до фактичко формирање на она што беше замисла околу Јован, немаше ништо да поремети, затоа што народот знае кој е Јован и неговото свештенство,”

објаснува Цуцуловски

Премиерот Бучковски вчера одговори на писмото на вселенскиот патријарх Вартоломеј, потсетувајќи го дека неговата функција не му овозможува да нареди итно ослободување на расчинетиот Вранишковски оти во Македонија судската и извршната власт се одвоени.
XS
SM
MD
LG