Достапни линкови

logo-print

Најави за повторно изгласување на законот за пратеничките привилегии


И покрај тоа што претседателот Црвенковски стави вето, парламентарците не се откажуваат од намерата по втор пат да го изгласаат законот за нивните привилегии. Законот за пратеници со истата содржина повторно е вратен со собранието и како што вели еден од предлагачите, социјал демократор Јанакие Витановски, ќе биде донесен некаде на почетокот од септември, бидејќи над 60 пратеници ја гарантирале неговата поддршка:

„Бидејќи има консензус од сите политички партии, коишто беа предлагачи на законот мислам дека ќе има 61 глас за.“

Законот за пратеници предизвика лавина реакции во јавноста, кога пратениците во јули го изгласаа експресно со мнозинство од 71 глас. Гласаа и опозицските и владеачките пратеници. ВМРО – ДПМНЕ и во вториот обид нема да ја даде поддршката, изјави Силвана Бонева, според која најспорно е токму прашањето околу предвременото пензионирање, односно одредбата од законот со која пратениците ќе заминуваат во пензија со 25 години стаж.

„Имаме многу посериозни прашања во државата коишто треба да имаат приоритет. Мислиме дека е многу понеопходно да се реши прашањето на пензионирањето на стечајците и технолишкиот вишок.“

Законот кој ги регулира правата и обврските на пратениците е потребен смета и Лилјана Поповска од ЛДП, но оваа пратеничка смета дека сега не е момент да се нови ваков закон, пред се поради спорното прашање околу бенефицираниот стаж:

„Пратениците се ставаат над другите граѓани и тоа токму сега кога од 1 септември треба да почне примената на законот за пензиско осигурување со кој на сите други граѓани им се зголемува стажот потребен за заминување во пензија.“

Спротивно на ваквите размислувања, Витановски не ја отфрла можноста амандмански нешто да се промени во делот на пензионирањето, односно зголемување на границата, додавајќи дека всушност крајно време е пратениците да добијат закон за нивниот статус.
XS
SM
MD
LG