Достапни линкови

logo-print

Во детската клиника нема ензими за деца болни од цистична фиброза


Осумдесет деца во Македонија боледуваат од цистична фиброза, една од најчестите наследни болести во белата популација. Оваа болест зафаќа повеќе органи, најмногу белите дробови и панкреасот, а се манифестира преку недостаток на ензимска функција на панкреасот. Лачењето на густ секрет кај заболените од оваа болест предизвикува запушување на каналите на овој орган.

,,Поради недостаток на функција на панкреасот тие деца не ја варат храната и не напредуваат соодветно,”

објаснува др. Стојка Фуштиќ, педијатар на Детската клиника.

Таа вели дека засега не е можно да се излекува болеста, а третманот на лечење е континуиран во текот на целиот живот. Еден од основните принципи на лечење на болеста е надоместување на панкреасните ензими кои помагаат во варењето на храната кај болното дете, а кои пациентот ги зема при секој оброк. Веќе два месеца во детската клиника ги нема потребните ензими, што предизвикува револт кај родителите на болните од цистична фиброза.

,,Ги нема ензимите, но никој не дава одговор кога ќе има. Тешко е многу и не знам што ќе биде со детето,”

вели еден загрижен родител

И од клиниката потврдуваат дека има застој во добивањето на панкреасните ензими, кои се неопходни во лечењетио на заболените од цистична фиброза.

,,Аптеката не ги требува бидејќи ги немало во новиот меѓународен тендер, но мислам дека скоро ќе ги имаме,”

вели др. Фуштиќ.

Од фондот за здравство велат дека залихи на ензими има ,а испораката на лекови набрзо ќе започне. Бидејќи нов понудувач не е избран, овие лекови ќе се набавуваат по стариот тендер. Според др. Фуштиќ од непроценлива важност е раното дијагностицирање на оваа болест, како и редовната контрола на овие пациенти.

,,Овие пациенти треба да јадат многу повеќе од здравите деца како резултат на зголемените енергетски потреби, без ограничување во однос на исхраната.”

Од детската клиника истакнуваат дека родителите и наставниците на децата болни од цистична фиброза треба да му помогнат на детето да не се чувствува изолирано и исмејувано од своите врсници.
XS
SM
MD
LG