Достапни линкови

Гласањето одложено за три дена за да се постигне компромис


Ирачкиот парламент, синоќа пред полноќ, го доби нацртот на новиот Устав, но го одложи гласањето за уште три дена, со цел да биде постигнат компромис. Имено, ирачките курди и шиити предложија федерално уредување на земјата со што не се согласуваат сунитите, предупредувајки дека изгласувањето на новиот Устав, без нивна согласност, може да доведе до влошување на ситуацијата во Ирак.

Лидерите на мнозинското шиитско и курдско население во Ирак, на неколку минути пред крајниот рок, го поднесоа Нацрт-Утавот, но претседателот на Парламентот Хаџин Ал Хасани, поради несогласувањата околу федерализмот, остави уште три дена за консултации. Според нацртот, Ирак треба да се трансформира во федерација меѓу Курдите, Шиитите и Сунитите, но Сунитите го одбиваат страхувајки дека ќе останат настрана од нафтените богатства на земјата. Ирачкиот амбасадор во Обединетите Нации, Самир Сумаидае изјави за Радио Слободна Европа дека треба да се изнајде консензус.

„Постои сериозен обид да се добие стабилизирачки документ, кој ќе биде прифатен од сите. Доколку има незадоволство, тоа ќе се одрази врз ситуацијата во Ирак.“

Нацрт Уставот го дефинира Ирак како парламентарна, демократска и федеративна држава, а шиитите и курдите се согласиле природните ресурси да бидат под контрола и на централната и на локалните власти. Друг компромис е тоа што верските лидери се согласиле ирачкото законодавство да не смее да биде во спротивност со Исламот, но и со демократските стандарди, осносно со основните човекови права и слободи. Џонатан Мороу, американски советник во комитетот за составување на Уставот, изјави за Радио Слободна Европа дека сунитите го прифатиле барањето на курдите за автономија, но страхуваат од шиитскиот автономен регион.

„Нема да биде лесна цел овој Устав да добие широка подршка на референдумот.“

А референдумот за Уставот треба да се одржи кон средината на октомври, откако претходно биде изгласан во Парламентот. Американскиот претседател Џорџ Буш го поздрави политичкиот процес во Ирак во врска со усогласувањето на Уставот.

„Утврдувањето на демократски Устав ќе биде значаен настан во историјата на Ирак и на Блискиот Исток. Сите ирачки етнички и религиозни групи направија храбар избор, работејки заедно на овој проект.“
XS
SM
MD
LG