Достапни линкови

Договор или неизвесен старт на новата учебна година?


Преговорите со владата ќе продолжат се додека не постигнеме заедничко решение. Преговараме за висина на најниската плата во образованието, науката и културата и нормално е да имаме различни мислења со владата, изјави Дојчин Цветановски, претседател на СОНК пред денешното продолжување на преговорите:

„Значи, преговараме за висина на најниска плата. Синдикатот секогаш ќе бара повисоко да се вреднува трудот на неговите членови. Многу е јасно што бараме, колективни договори, плати, според коефициенти од колективни договори и платеност на сложеност на работно место, а не дипломи,“

вели Цветановски

Од министерството за образование велат дека за нив е неприфатливо барањето на СОНК, со колективниот договор да се финансира работното место наставник, независно од стручната квалификација.

„СОНК и натаму инсистира наставниците со вишо да се третираат исто како со високо образование. Имајќи го предвид фактот дека во основното образование, половина од наставниците се со вишо образование, тоа повлекува огромна сума средства и кај нив ќе има зголемување над 30 насто. Тие сега земаат околу 9,600 основна плата, а сега со зголемувањето ќе треба да земаат 30 насто повеќе и ние не можеме тоа да го профатиме,“

изјави државниот секретар Зоран Поповски

Од Сонк, пак велат дека ваквите размислувања не враќаат 15 години назад, во систем во кој се плаќале дипломите, а не сложеноста на работното место:

„Не се виновни наставниците со шести степен што Македонија беше последна држава што имаше виша педагошка академија. Не се виновни наставниците што државата не водела сметка за потребниот степен на образование што требало да го имаат тие кадри или учителските школи, што Македонија исто така, меѓу последните на Балканот ги укина. И сега, дали треба на тој начин ним да им се оддолжиме?“

изјави Цветановски

Тој додава дека генерален штрајк ќе биде последната алтернатива за која ќе се одлучи синдикатот, доколку не се најде никаков компромис .
СОНК и Владата ги почнаа преговорите кон крајот на јуни, откако претходно овој Синдикат организираше протест на своето членство.
XS
SM
MD
LG