Достапни линкови

ОН ја донесе акционата програма за младите


На денешен ден пред десет години Обединетите Нации ја донесоа Светската акциона програма за младите во која се повикува на подобрување на нивниот живот. Оттогаш Дванаесетти август е прогласен за Ден на младите, како потсетување на владите за она за што се обврзаа пред една декада.

Половина од светската популација е под дваесет и пет години. Тие насекаде се соочуваат со сиромаштија, конфликти и лоша здравствена заштита. Пред десет години Светската Организација усвои Акциона програма со која побара од владите да им обезбедат на младите пристојно образование и поголеми можности за вработување, како и активности со кои младите треба да бидат извлечени од сиромаштијата во која западнале без нивна вина. Пет години подоцна, светските лидери донесоа уште една програма позната како Милениумски развојни цели. Главните меѓу нив: намалување на сиромаштијата и подобрување на образованието и на здравствената заштита на децата. Шарлот ван Хејс кој работи врз остварувањето на оваа програма вели:

„Има доста голем прогрес во едукацијата. Сега, како никогаш порано се повеќе и повеќе млади луѓе учат. Тоа е голем напредок.“

Но, според проценките на Обединетите Нации, повеќе од сто милиони деца на школска возраст, пред се девојчиња, се надвор од училиштата. Секоја година, прераните бракови и породувања ги спречуваат да го продолжат своето образование. Слично е и со другите цели од програмата. Над петстотини милиони млади живеат со помалку од два долара дневно. Секој ден скоро триесет илјади деца умираат поради сиромаштијата во која живееле. И конеќно, секојдневно околу седум илјади млади луѓе се инфицираат од сида вирусот. Невработеноста е уште еден голем проблем.

„Невработеноста е најзастапена кај младите во светот. И тоа се однесува за сите региони. Дури и во оние каде што тие се добро образовани нема многу работни места за нив. Младите се соочуваат со дискриминација. Исто така, ако некаде има економски пад, тогаш први кои се отпуштаат се младите.“

вели Шарлот ван Хејс. Оваа година, како што е најавено од Обединетите Нации, е година во која ќе се сумира се што е направено во врска со подобрувањето на животот на младите. Ако ништо друго, тоа ќе биде уште една можност да се потсетат владите во светот за она што се заложија пред десет години.
XS
SM
MD
LG