Достапни линкови

logo-print

Калифорнија: Успешно слетување на „Дискавери“


Американскиот вселенски брод "Дискавери" со седум астронаути по речиси две недели престој во вселената се врати на Земјата. Откако беше лансиран како ракета, слета како авион на пистата на воздухопловната база Едвардс во Калифорнија. "Добредојдовте дома", им порачаа од Контролниот центар на екипажот на шатлот, кој со помош на падобрани се запре на пистата. Командантот на мисијата Елиен Колинс одговори: "Среќни сме што се вративме". Приземјувањето на "Дискавери" два пати беше одложено поради силните врнежи од дожд во близина на вселенскиот центар "Кенеди". Бидејќи не дојде до подобрување на времето и вториот обид за враќање на Флорида пропадна, поради што беше одлучено шатлот да слета во Калифорнија. Пистата на воената база Едвардс беше втор избор на НАСА за слетување на "Дискавери", додека алтернатива на Едвардс беше пистата во Ново Мексико. За време на престојот во вселената двајца од астронаутите на "Дискавери", Јапонецот Соичи Ногучи и Американецот Стив Робинсон применија нови методи за да ги остранат техничките проблеми на надворешниот резервоар на "Дискавери", што се појавија при стартот на леталото од космодромот "Кејп Каневерал" во американската сојузна држава Флорида. При стартот на "Дискавери"дојде до одвојување на дел од изолацијата од надворешниот резервоар на леталото. Астронаутите направија неколку успешни излегувања во отворената вселена и за време на престојот во вселената ги испробаа новите техники на поправка на термичкиот штит на вселенските бродови во орбитата, што е многу важно за идните мисии. "Дискавери" на 26 јули беше лансиран во вселената од космодромот Кејп Каневерал на Флорида. Тој е првиот спејс шатл, што се врати на Земјата по катастрофата на вселенскиот брод "Колумбија", што во 2003 година се распадна при влегувањето во Земјината орбита.
XS
SM
MD
LG