Достапни линкови

Загрижува немоќта на институциите


Последното убиство на сопственикот на кафеаната во скопската населба Маџари во недостаток на официјални информации од полицијата за идентитетот и мотивот на сторителите, ја отвори претпоставката дека на сцена се враќа крвната одмазда. Додека полицијата работи врз расвелтување на мотивот, социолозите велат дека загрижува податокот за немоќта на институциите да го спречат убиството среде бел ден:

„На некој начин, брутално, на јавен простор, ваква работа е невидено нешто. Ако тоа се нарачува, тогаш тоа не се ни криело, во смисла дека ако некој се одмаздува знае зошто,“

вели социологот Илија Ацевски. Професорот на филозофскиот факултет Ферид Мухиќ вели дека загрижува тоа што крвната одмазда, која претставува древна традиција не само за албанската популација, туку и за другите народи на Балканот денес се инструментализира:

„Легитимитетот е нарушен. Преземањето на правдата во свои раце, на она што сме се согласиле да го прават институциите место нас и да функционираат врз принципите на праведноста, тоа значи анонимно, не од лични мотиви, овде е длабоко нарушен.“

Во меѓувреме, и некои други убиства што се случија во државата ја актуелизира крвната одмазда, додека официјалните показатели на полицијата покажуваат дека зад ниту едно регистрирано убиство не се појавува крвната одмазда како мотив:

„Во првата половина од годинава регистрирани се 24 убиства, од кои само четири не се расветлени. Во истиот период лани имаме регистрирано 27. До сега годинава се во намалување. Најголем број случаи мотивите се лични недоразбирања и семејни расправии,“

вели Борче Пешевски, портпарол на МВР.

Според аналитичарот Назми Малиќи институциите во државата треба да работат на подобрување на безбедносната состојба на граѓаните:

„Овие десет години, скоро на исто се граѓаните, многу малку може да бидат радосни дека полицијата која е задолжена за безбедноста ја извршува задачата.“
XS
SM
MD
LG