Достапни линкови

Павле Васкопулос, организација на Македонците во Грција - „Виножито“. Клучот за добрите односи и на Балканот е признавањето на македонската нација од Грција и Бугарија


Минаа години од вашата борба за правата на Македонците во Грција. Има ли разлика од тоа време и како денеска би ги оцениле односот на официјална Атина и односот на грчкиот народ кон вас?

Сигурно не како што беше минатата деценија. Разликата е што го нема агресивниот настап и сите овие агресивни политики од официјалната власт и самото општество, тоа беше едно, а од друга страна, официјалната влада кога станува збор за правата на македонското малцинство, можеше да оди до тоа да ни се суди затоа што ние поставивме двојазична табла 95 година. Значи, тогаш имаше агресивна политика на сите нивоа, денес тоа го нема, но во суштина нема никаква разлика кога станува збор за статусот и правата на македонското малцинство во Грција. Во голема мерка тоа е и благодарејќи на тоа што ние како политичка организација успеавме да надградиме добри позиции и врски со меѓународни институции. Тоа е причината затоа што нема агресивност. Ништо не може да биде скришно и таков вид активности или имплементација на таа политика ќе биде добро позната во меѓународните институции, а тоа не е добро за имиџот на грчката држава.

Господине Васкопулос, вие споменавте, колку и каква е поддршката што ја добивате од меѓународните организации за човекови права?

Па, ние уште од почетокот сфативме дека во една таква крајно непријателска средина кога станува збор за малцински права, дека мора да ја имаме поддршката на меѓународниот фактор. Така што, јас ова ќе го опишам малку можеби и невообичаено, познатиот цртан филм, со малото жолто врапче, мачорот што го брка да го јаде и таман да го стави во уста, се појавува едно бело куче така што мачорот мора да го остави врапчето на мира. Значи, врапчето е малцинството, мачорот е официјалната политика и белото големо куче кое го спасува врапчето се европските институции. Е буквално така оди оваа наша борба во Грција последните десет години.

Дали имаат некакво влијание последните случувања со преговорите за името и американското признавање на уставното име во Грција?

Има негативно влијание. Тоа е уште поголема тема за разговор. Анти западното и анти европското и анти амерички однос, се јавува последните години. Според грчкиот мит и предрасуди странците се виновни за се лошо што се случува во Грција. Тоа е идеологија што се креира со години така што за македонското прашање цело време странците се колнат затоа што никако не ги поддржуваат правата на грчката држава во однос на македонското прашање. Така и после признавањето на уставното име на Македонија од САД тоа беше голем шок, тоа е вистина. Целата политичка јавност беше шокирана од една страна, но од друга страна влијаеше на уште поголема анти американска кампања во Грција.

Да, но официјална Атина презеде некои чекори, што мислите како стојат работите сега на тој план?

Видете, ние и преку нашето соопштување, бидејќи не допира прашањето на именување на Република Македонија, туку станува збор и за македонското малцинство и како тоа ќе се вика тука, ние се обративме до меѓународните институции, во рамките на нашите можности, како во Европскиот парламент, така и во Советот на министрите со нашите позиции, објаснувајќи дека македонското прашање колку што е комплицирано толку е и едноставно и клучот за решавање и добрососедски односи на народите во регионот, кога станува збор за Македонците, клучот е признавање на идентитетот на македонската нација од страна на двете најсилни балкански нации, грчката и бугарската.

Имате ли било каков одговор од институциите до кои се обраќате?

Имаме. Секако. Нашата цел е и да се наметнеме на политичката сцена и тука и колку што е можно во европски рамки. Нашата партија е член на европската слободна алијанса. Нашите позиции беа дистрибуирани во сите овие институции преку нашата матична партија, европската слободна алијанса. Нам ни се обрати, како комесарот за проширување господинот Рен, така и господинот Брок. Во одговорите не очекуваме решение, но за нас е важно дека и во овие институции веќе е поставен проблемот.

Рековте, сакате да се наметнете на политичката сцена во Грција. Колку успевате? Какви се шансите да се следи примерот на она што се случува во Република Албанија со признавњето на тамошната партија на Македонците?

Статусот на Македонците во Албанија, Бугарија и Грција се три сосема различни приказни. За нас тука, проблемот е во тоа што македонското прашање и прашањето на малцинствата во Грција е табу тема со децении во општеството. Политиката на национална хомогенизација во Грција забранува да стане збор и да се влезе во таква проблематика, значи во проблематика за национална разноликост што постои во современата грчка држава. Па така, ние сме тотално исечени од најголемиот дел на медиумите во Грција, кога зборуваме за телевизија и за радија. Ние веќе десет години сме активни политички, но никогаш не сме добиле покана јавно да ги искажеме нашите ставови, со исклучок на приватна иницијатива на еден грчки новинар пред неколку години, кој за наша среќа беше член на грчкиот Хелсиншки комитет. Тоа е една политика на тотално игнорирање.

Колку Македонци во Грција денеска се свесни дека се Македонци по националност. Колку беше успешна грчката пропаганда во минатото и кои активности вие ги преземате за национално освестување на Македонците во Грција?

Ова е многу чувствително прашање. Тоа тешко се одговара. Никогаш немаше попис во Грција со такви прашања. Тешко може да се каже колку се денеска Македонците. Дури и да има попис, при овие објективно негативни услови ќе биде тешко да се каже. Не станува збор за бројки, понекогаш кога грчките политичари велат, па колку сте вие, многу малку ве има, ние имаме многу добар аргумент на тоа, веднаш ги прашуваме, па колку има Грци на двата острови Имброс и Тенедос и во Цариград денеска? Се на се, не се повеќе од 2,5 илјади, зошто ги имаат сите права? Имаат школи, цркви. Ако, две и пол илјад може да ги имаат сите права, тогаш сигурно има повеќе од две и пол илјади Македонци во Грција.

Грчкиот капитал е најприсутен во Македонија. Бизнис соработката се одвива со голем интензитет. Колку тоа влијае?

Тоа е само едно прво ниво, едно привидно отворање кон Балканот. Но, нашата мисла е дека ако нема реформа на образовниот систем во Грција, да почне јавна дискусија околу сите овие прашања, околу самиот идентитет на грчкиот современ народ, ако не се осознаат самите себе си, што и како, многу тешко ќе оди работата и со правата на малцинствата.

И на крај, едно лично прашање, од што живее Павле Васкопулос?

Јас сум архитект по професија и живеам и работам во Лерин. Беше тешко во минатото да се спротиставиме на таквата политика и сфаќањето што беше крајно непријателски настроено со текот на времето работите се подобри и мислам дека во иднината ќе биде уште подобро. Со оглед на тоа што ние настојуваме да имаме добра соработка со прогресивните грчки движења во насока да ги промениме стереотипите од минатото.
XS
SM
MD
LG