Достапни линкови

Некои дома заради партиски обврски, некои во Охрид, а некои во Турција и Грција


И покрај критиките во јавноста за она што го работат и одлуките што ги носат, македонските парламентарци, за себе велат дека генерално се задоволни од она што го сработија пред стартот на годишниот одмор. Можевме и подобро, самокритичен е пратеникот Ѓорѓи Оровчанец, кој одговори дека допрва ќе одлучи каде ќе летува:

„Па веројатно во Охрид.“

И неговиот сопартиец Блаже Стојановски кој десетина дена ќе се одмора близу Измир во Турција, вели, можевме и подобро:

„Со оглед на тоа што опозицијата има таква позиција во парламентот, тоа е тоа што можеше да се направи.“

Социјал демократор Јанакие Витановски, ќе се одмора во Македонија, во Охрид. Верува дека по одморите парламентот ќе има повеќе време за вистинските проблеми на граѓаните:

„Го затворивме Рамковниот договор, сега веќе ќе се свртиме кон граѓаните, да работиме на економски прашања.“

Овој парламент има тежок мандат, заради динамиката на случувањата на политичката сцена, вели Каролина Ристова од СДСМ, но во целина работевме добро. Ристова денеска заминува во Германија, каде работи нејзиниот сопруг. Таму, вели таа ќе имам доволно време и за него и за малиот, а ќе влезе и во кујната како вистинска домаќинка:

„Со списанијата храна и вино ќе испробувам некои експерименти. Градечето каде што сме се вика Рајне и излегува на река и ќе шетаме. А од 17 планот е да одиме во Италија на Сицилија.“

Нејзиниот сопартиец, Иван Анастасовски вели, со семејството ќе летуваат во Грција:

„Уште не знаеме каде, ама некаде блиску.“

Абдулади Вејсели од ПДП нема да оди на одмор, заради партиски активности вели тој:

„Во последно време се гледа дека партиите имаат големо влијание врз пратениците. Изборна година е и нема да има видливи резултати во натамошната работа на парламентот.“

Исмет Рамадани вели:

„Ако дозволи претседателот на партијата да одиме на одмор. Ако одам ќе одам во Турција.“

Нацрт амандманите за измена на Уставот беше последната задача што ја исполнија пратениците пред годишниот одмор до крајот на месецов, наспроти сите критики, пратениците, според првиот парламентарец Љупчо Јордановски го заслужија одморот:

„Реков, на крајот, кој што да зборува, ние го заслуживме одморот. Ќе одам во Претор, Охрид, ама не повеќе од три – четири дена. Главно ќе бидам во Скопје.“
XS
SM
MD
LG