Достапни линкови

logo-print

Погрешно е тероризмот да се поврзува со исламот


Исламот ја осудува појавата на тероризам во светот, вели деканот на исламскиот филозофски факултет Исмаил Барди, прашан за односот на исламската верска заедница во Македонија, кон терористичките напади со исламски предзнак, како последните во Египет и Лондон, за кои одговорноста ја презедоа радикални исламистички фракции во светот. Тероризмот не е проблем на исламот, туку на глобалните случувања во светот, вели тој:

„Прво, во исламот не постои такво нешто. Дури ги осудува таквите напори. Големите промени, глобалните промени во животот, за жал и ова е голем прашалник за сите нас.“

Ферид Мухиќ, професор на филозофскиот факултет во Скопје го дели мислењето дека поврзувањето на терористичките напади во светот со исламот генерално, но и со исламскиот фундаментализам е погрешно. Според, професорот Мухиќ тероризмот претставува генериран феномен:

„Факт е дека терористите се регрутираат главно од исламските земји. Но, тоа е главно затоа што тие се наоѓаат под окупација. Во тој конктекст, фундаментализмот во исламот е просто онаа радикална струја која повеќе инсистира врз ослободувањето, а исламот генерално не може да се согласи со никакво насилно решавање.“

Во меѓувреме, темата на појавата и подемот на радикалниот фундаментализам во светот, според експертите, кај нас не може да се развива. Имено, таква расправа отворија случувањата во исламската заедница во Македонија и наводите на европскиот експерт Клод Моник кој идентификуваше радикални струи во работата на поранешниот скопски муфтија Зенон Бериша. Аналитичарот Ѓунер Исмаил во тој контекст вели:

„Моник е човек кој припаѓа на една прилично непозната структура невладини организации чиешто седиште или активности се лоцирани во Белград и Атина. Станува збор за увозна класификација, според која ние несакајќи се обидуваме да играме, односно упаѓаме во замката на вакви подметнувања.“
XS
SM
MD
LG