Достапни линкови

logo-print

Буш го наименува Џон Болтон за амбасадор во ОН


Американскиот претседател Џорџ Буш го наименува Џон Болтон за амбасадор во Обединетите Нации, со што им стави крај на пречките во Сенатот околу способноста на Болтон за извршување на оваа функција. Имено, демократите во Сенатот го блокираа неговото одобрување со образложение дека Болтон бил поделена личност која ќе им наштети на американските интереси во Светската организација. Буш кој е на став дека Болтон е најдобриот можен избор, го искористи одморот на сенаторите и го постави на тоа место.

Џон Болтон прв пат беше номиниран за амбасадор во Обединетите Нации во март годинава, но набргу потоа тој стана субјект на битката меѓу сенаторите, републиканци и демократи. Овие вторите со обвинувања дека Болтон за време на својата претходна служба како главен во контролата на оружјето ги искривувал разузнавачките извештаи. Но, Буш го искористи неговиот авторитет и за време на летниот одмор на сенаторите, привремено го назначи Болтон за амбасадор во Њујорк. Одлуката е со важност од осумнаесет месеци.

,,Америка повеќе од шест месеци е без постојан амбасадор во Обединетите Нации. Ова место е многу важно за да се остави и натаму испразнето, особено за време на војна и за време на виталната дебата за реформите на Светската организација."

Демократите во Сенатот протестираа поради ваквиот потег на Буш со објаснување дека на ваков начин се нарушува кредибилноста на американскиот амбасадор. Запрашан за овој потег на Буш, генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан изјави дека Болтон е многу способен и интелигентен.

,,Ќе работиме со него како претставник на претседателот и на владата."

Долго време Болтон беше критичен спрема работата на Обединетите Нации. Тој, едно време велеше дека не постои нешто како што се Обединетите Нации, туку само меѓународна заедница која може да биде предводена од единстваната преостаната супер сила, Соединетите Држави. Меѓутоа, сега тој најавува дека неуморно ќе работи со цел таму да ги претстави американските иницијативи во креирањето на поефикасни Обединети Нации.

,,Бараме посилна, поефикасна организација, посветена на идеалите на нејзините основачи, но и способна да дејствува во Дваесет и првиот век."

Во Обединетите Нации е во тек дебата околу реформите кои пред се вклучуваат можно проширување на Советот за безбедност.
XS
SM
MD
LG