Достапни линкови

Цветан Грозданов, претседател на МАНУ. Нема празник што може да ги замени двата Илиндена


Зошто велиме дека е битен односот на една држава кон датумит кои се дел од нејзината историја. Каков е односот на нашата земја кон датумите дел од нејзината историја?

Македонскиот народ има најголем респект кон празниците што се однесуваат на неговата државност, а тоа значи македонската преродба преку Илинден 44 година, па заклучно со поновите настани, каде што се победува македонската државност. Нашиот народ, има да не речам и побожен однос, кон овие круцијални датуми за постоењето на македонската држава. Тие се доказ за нашата виталност и континуитет и максимален респект кон своето постоење на тлото на Република Македонија па и на краиштата кои порано влегувале етнички и во секој друг поглед во интегритетот на Македонија и мислам дека нема празник во Македонија што може да го надвиси Илинден 1903 во континуитет со 1944 година, бидејќи АСНОМ ја има истата тежина затоа што тој ни донесе државност. Така што, од дистанца, тој од однос кон хероите ние ги доживуваме највисоко, а тоа ќе биде додека постоиме, а тоа ќе биде секогаш.

Годинава кулминираа случувањата поврзани со одбележувањето на празникот Илинден со локацијата Прохор Пчињски. Како ги коментирате последните случувања, односно, неодењето на нашата делегација на Прохор Пчињски и одговорот кој потоа следуваше од страна на српското министерство за надворешни работи?

За мене, она што се случи беше очекуван чин бидејќи нашите односи со СПЦ се крајно заладени и мислам не по наша, туку по нивна вина, затоа што ова е суверена држава на македонскиот народ и нема што да бара српската црква на тлото на Македонија и сметам дека целиот тој случај со тој расколник владика е увезена појава, странско ткиво и сите негови приврзаници ги ценам како луѓе коишто се издајници на својот народ, татковина и традиција. Дури, не се ниту во кодексот на учењето на хуманизмот на христијанството, бидејќи македонскиот народ има автокефалност 1,000 години и никој во светот не може да ја сруши. Така што, јас сум зачуден од српските политичари, барајќи нешто за Вранишковски, наместо него да го вразумат и ако сакаат да си го земат кај нив, бидејќи тој не му припаѓа на македонскиот народ.

Имајќи ги на ум искуствата со одбележувањето на државните празници, значи, се враќаме со она што е актуелно кај нас, во последните неколку години, кога опозицијата и власта датумот го одбележуваат на различни локации и со слични препукувања, колку може да каже дека празниците кај нас се имуни на влијанието на партиите и политиката?

Важно е како народот ќе ги прифати празниците. Треба другите национални колективитети во Македонија, коишто ние ги респектираме и ги прифаќаме, да водат сметка за македонскиот народ, затоа што тој ги постави темелите на државноста, затоа што тој е мнозински народ и да не го навредуваат чувството. Сите наши соседи имаат свои празници и тука не можеме да ги ставиме празниците на сите наши соседи. Албанија го слави празникот на знамето, ние тоа добро знаеме, но тој не може да се префрла на други места. Конечно ние направивме еден компромис, што мене не ми е драг и прифатлив, кога напуштивме да биде едно знаме, а не друго итн, што не е во традицијата на земји со голема државност. Но, ние не може да настапуваме со повеќе знамиња на еден празник, бидејќи знамето е симбол на државност. Е тогаш ќе се вејат тие знамиња таму каде што е државата.

Во вашето излагање на некој начин го споменавте и законот за употреба на националните симболи. Може ли поконкретно да го слушнеме вашето видување?

Македонскиот народ живее со бројна албанска националност тука и тоа е факт. Ние ќе ги респектираме ставовите на Собранието.

Но, постојат и забелешки дека во МАНУ нема членови коишто се од албанската национална припадност во Македонија?

Видете, во МАНУ има членови и Албанци и Срби има исто така и од други националности членови и ќе има и натаму. Но, тие не може да бидат бирани по политички критериуми. Ова е национална академија, оној којшто конкурира, којшто е предложен мора да има потврден и сугурен опус, верификуван во светски размери и дури тогаш може да биде член на МАНУ. Еве, ние скоро го примивме Луан Старова. На есен имаме нови избори, ќе има сигурно избрани Албанци, но по тие критериуми и не треба да се прави притисок. Имавме и порано примери, да речеме Оливера Јашар. Имаме соработка со албанската академија исто така и со академијата на Косово. Тоа не се политички критериуми, само високите домети на поединци во светот може да бидат критериум за членство во МАНУ. Тоа е единствен критериум. Нема никакви други Рамковни и други критериуми.

Говорите за потреба од високи критериуми во работата, бидејќи имате искуство со работата на планот на заштита на културно – историското наследство во Македонија, колку може да кажеме дека Македонија и нејзините институции се грижат за културно историското наследство?

Ние немаме ништо поголемо. Тие се светски достоинства и нашата држава и народ тоа го плаќал и тогаш кога црквата била маргинализирана. Мислам дека ние имаме промашувања не во финансирањето, туку во организацијата, во системот, во кадровската политика и тоа ново тело при министерството за култура не функционира. Таа се прави со администрација, а не со заштита на спомениците. Никогаш МАНУ не е консултиран. Тие се бават со себе самите. Никој од директорите не се професионалци, тоа се партиски критериуми. Тие треба тие места да си ги делат таму каде што има политика, не во култура, наука и уметност. Тоа е недозволиво во една цивилизирана земја, тоа не води во Европа. Само во бившиот социјализам имаше партиска квалификација, морате да бидете член на партија да бидете директор, ама тоа го упропасти тој систем. Директори на национални трезори се длабоко потврдени во светот, само кај нас не е така.
XS
SM
MD
LG