Достапни линкови

Владата конечно го усвои предлог законот за надворешни работи


По 14 години од осамостојувањето на Македонија, во која имаше и неколку обиди за регулирање на сферата на надворешните работи, владата усвои предлог за донесување закон:

„Во овој проект се воведува нов тип службеници во Република Македонија, тоа се дипломатски и конзуларни службеници чиишто права и обврски се дефинирани со овој проект. Она што можеби најмногу се очекува од нас е целосната професионализација на дипломатските и конзуларните службеници. Министерството според законот како орган на владата ќе соработува со другите ресори, едновремено координирајќи ги нивните надворешно политички активности, особено внимание е посветено на координацијата со претседателот во рамките на уставните надлежности, а во овој процес се предалага улога и за Собранието на Република Македонија,“

изјави министерот за надворешни работи Илинка Митрева, која додава дека со предлогот се предлага две третини од дипломатите да бидат професионалци, а останатиот дел да бидат лица кои вршат други јавни функции. Меѓу политичките партии и компетентните од оваа област има согласност за донесување на ваков закон, но додаваат дека ќе се вклучат со свои забелешки во јавната расправа:

„До сега беше хаос во надворешната политика поради недостаток на закон кој ќе го регулира работењето во целина. Мислам дека треба да има пошироки анализи за да донесеме закон кој ќе биде прилагоден на состојбите во Македонија.“

„Веќе предолго, неодговорно, оваа витална функција се запоставуваше. Значи, постои неверојатно голема потреба од ваков закон и премногу долго, неодговорно, овој простор не го регулиравме. Немам назнака што се стои во законот. Овој закон што сега го предлага владата и како ги регулира наворешните работи, меѓутоа мислам дека било каков закон и концепт е подобар од ова беззаконие, што до сега постоеше во оваа деликатна сфера, па многу работи мораше да се решаваат со парцијални одлуки на министерот,“


велат Абдулади Вејсели, пратеник и претседател на ПДП и Слободан Чашуле од ВМРО-Народна кој беше и поранешен министер за надворешни работи.
XS
SM
MD
LG