Достапни линкови

Привилегии да, но ова е премногу


Сите искуства на развиените земји покажуваат дека пратениците треба да имаат привилегии по завршувањето на нивниот мандат, но можноста како кај нас тие да може да го користат правото на пензионирање, надвор од општите услови за пензионирање во државата е преголема привилегија, вели професорот на правниот факултет во Скопје и поранешен претседател на парламентот Саво Климовски:

„Луѓе коишто сеуште може да работат, а релативно се млади, ми личи како во поранешната армија кога не знаеја што да прават со кадарот, па го ставаа во пензија. Зборот ми е, со оглед на нивната дотогашна работа, образование, за нив треба да се најде соодветен работен ангажман.“

Нелогичноста на идејата за предвремено пензинирање што на прв поглед паѓа во очи, пратениците не ја гледаат. Иван Атанасов од СДСМ кој е еден од најмладите пратеници во парламентот вели:

„Има одредени колеги кои единствено ова им е шанса да после своите мандати заминат во пензија.“

Опозицијата откако законот помина во парламентот, сеуште размислува. Според Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ партијата има став дека носењето на законот е неупатно со оглед на економските прилики во државата, но не и став дали ќе го обжали решението:

„Законот има своја смисла, но состојбите во државата не се такви за да може да се применува. Колегите тргнаа од фактот дека мора да се обезбеди независност на пратениците и нивна сигурност.“

За да стапи во сила, законот мора да добие „виза“ од претседателот на државата. Поранешниот претседател Борис Трајковски своевремено не го потпиша тој закон. Сега дури независно од потегот на актуелниот претседател, граѓаните во којбило потег на политичарите препознаваат лични калкулации:

„Сум гласал и за едни и за други, ама веќе не гласам. Без оглед кој е на власт, само полошо станува од претходно.“
„Знаете што недостига на државата? Критериум. Ѕидар или рудар треба да чека 65 години старост, а они таму се со екркондишни, значи нема критериум.“
XS
SM
MD
LG