Достапни линкови

Оптимизам меѓу играчите на Работнички и Вардар пред дуелите со Локомотив и Елбасан


Денес и утре, „Градскиот стадион“ во Скопје ќе биде во центарот на вниманието на македонската спортска јавност. Причина – настапот на Работнички Кометал и Вардар на европска сцена и нивната борба а подобрување на својот, но и на рејтингот на македонскиот фудбал. Според квалитетот на ривалот, потешка задача ќе има Работнички Кометал, кој вечерва од 20 часот со Локомотив од Москва ќе го одигра првиот натпревар од второто квалификациско коло од Лигата на шампионите. Шампионот на Русија е фаворит и се освен негов пласман во наредната рунда ќе е голема сензација. Но, токму тоа е адутот за подгревање на оптимизмот на „романтичарите“ пред двомечот, а особено за дуелот на „Градски“, без психолошки притисок да се обидат да го направат невозможното:

„Нема што да загубиме од Локомотив. Нема да стравуваме. И тие се играчи, многу поплатени и помотивирани од нас, ама Работнички нема лесно да ја продаде својата кожа. Јас сум оптимист,“

вели најдобриот фудбалер во Македонија за изминатата година Стојанче Игњатов.

На хартија, нашиот најтрофеен клуб Вардар е во спротивна улога. Црвено – црните утре вечер покрај домашниот терен во битката за пласман во второто квалификациско коло од Купот на УЕФА, против албанскиот Елбасан имаат предност од гол на гости од мечот кој пред две недели заврши 1:1. Од ваква ситуација, минувањето на пречката на Вардар се наметнува како императив. Во тоа никој не се сомнева, но за истото да стане реалност, сите кои ќе настапат треба да дадат максимум. Факт што не пропушта да го спомене и шефот на стручниот штаб Вујадин Станојковиќ:

„Се надевам дека се ќе биде како што треба и дисциплинирано ќе ги извршат задачите што ќе им бидат поставени и се надевам на пласман во второто коло.“

Оптимистичките очекувања се присутни и кај љубителите на фудбалот:

„Очекувам победа.“
„Нерешено за двете.“
„Тешко со Локомотив, ама оптимист сум.“
XS
SM
MD
LG