Достапни линкови

logo-print

Зголемена безбедност или нарушување на приватноста?


Сликите со лицата на терористите кои го нападнаа лондонскиот транспортен систем, најпрвин на седми, а потоа и на дваесет и први јули, скоро веднаш го обиколија светот. Тие беа земени од телевизиските камери поставени на метро станиците во градот и покажаа дека станаа важен дел од борбата против тероризмот. Како во ниеден друг град во светот, Лондон ги има најмногу.

Некои граѓани се жалат поради тоа и велат дека се чувствуваат како некоја личност во романот Илјада деветстотини осумдесет и четврта на Џорџ Орвел. Но, има и такви кои, поради актуелните услови, велат дека камерите се помало зло. Експертите сметаат дека камерите играат поважна улога од она што го признава полицијата. Питер Конвеј од магазинот Риск Ју Кеј вели:

„Мислам дека тоа е навистина очигледно, бидејќи единствената идентификација беше добиена од камерите.“

Конвеј додава дека сликите што го обиколија светот беа матни и неубедливи, но оти оригиналните во полицијата се со подобар квалитет.

„Намерата на овие слики не им е да бидат отпечатени на првите страници на весниците. Меѓутоа, ако ги погледнете преку дигитална опрема, добивате нешто многу поинакво.“

вели Конвеј. Портпаролот на лондонската Метроплоитен полиција е помалку убеден во тврдењата дека камерите можат да бидат многу битен дел од безбедносните операции.

„Очигледно, безбедноста е на повисоко ниво од Седми јули. И секако, камерите се дел од безбедносните мерки. Но, тие се само еден дел, од големиот број мерки што се преземаат за подобрување на безбедносната состојба.“

Лондончани се поделени во мислењата за камерите. Триесет и осумгодишниот Фред наведува дека има чувство оти постојано е следен:

„Мислам дека малку претераа. Имате камери кои гледаат во луѓето.“

Конвеј од магазинот Риск Ју Кеј, потсмевнувајќи се на ваквите забелешки сепак вели дека многу луѓе имаа непријатно чувство дека некој го следи секој нивен чекор.

„Проблемот е во тоа што ако луѓето гледаат камера, тие веруваат дека таа гледа во нив. Но, она што не го разбираат е тоа дека камерите вршат многу важна работа во врска со безбедноста.“

Вели Конвеј, додавајќи, дека, според последните испитувања на јавното мислење, само еден од десет лондончани страхува од камерите.

„Ако не сте виновен, не би требало да сте нервозни. Би требало да постават повеќе камери.“

Вели Џејн.
XS
SM
MD
LG