Достапни линкови

Ограничен избор за патување поради скапите и лоши авио врски со делови од Европа


„Околу 450 евра,“

Толку ќе ве чини еден повратен авионски билет до Шпанија, но ќе треба да смените и неколку авиони. Елвира Тунеу, од Палма де Мајорка, веќе неколку месеци живее И работи во Македонија. Вели дека овде не може да сретне туристи од нејзината земја. И тоа воопшто не ја изненадува. Иако најмногу сака да ги минува слободните денови дома, се откажува од задоволството, бидејќи, како што вели, треба да мине големо авионско патешествие, кое чини многу пари.

„Еднаш ми се случи од работа да добијам 4 слободни дена И одлучив да одам во Шпанија. Ми се чини дека целото слободно време што го имав, го потрошив по аеродромите. И уште кога ќе се сетам колку пари ме чинеше тоа... Навистина грдо искуство...“

вели Тунеу

Има многу Шпанци кои сакаат да ја посетат Македонија, но се откажуваат заради лошите авионски врски. Затоа и одат на пат во други земји, вели претседателот на Туристичкиот Сојуз на Македонија, Киро Николовски:

„Што се однесува до шпанските туристи тие се попребирливи затоа што имаат голем избор аранжмани, па ја избегнуваат Македонија како дестинација за одмор или прошетка.“

И Македонците, кои сакаат да летуваат во Шпанија, го имаат истиот проблем. Агенциите не нудат речиси ништо, зашто ако побараат чартер лет од МАТ, мораат однапред да платат за секое седиште. Тоа е преголем ризик за нив, додава Николовски.

„Таа формула веќе не игра, затоа што ризикот е преголем. Ние сме оневозможени да испратиме гости.“

Од МАТ одговараат дека ништо не може да се смени. Велат дека проблемот е во тоа што немаат доволно авиони...

„Ние има чартери за Турција и Египет и тоа е тоа што нудиме сезонава.“

До Шпанија нема директна автобуска, ниту пак железничка линија. Тоа ја натера Елвира Тунеу, летово да не си оди дома. Таа во септември ќе се отсели од Македонија и се надева дека од новото работно место ќе може почесто да навраќа на Палма де Мајорка.
XS
SM
MD
LG