Достапни линкови

Над 75 загинати и околу 200 повредени


Над седумдесет и пет луѓе загинаа, а околу двесте се повредени во синоќешните експлозии на три автомобили бомби во Шарм ел Шеик, египетско одморалиште на Црвено Море. Ова денеска го соопшти египетскиот министер за внатрешни работи Хабиб ел Адли. Засега нема информации дали меѓу загинатите имало странски туристи. Но, меѓу повредените, како што изјави претставник на египетското министерство за туризам, имало триесетина странски државјани, најмногу италијанци и британци. Според македонските туристички агенции, во овие напади нема повредени македонци. Таму на летување има сто и четириесет македонски граѓани и нивниот аранжман е до дваесет и осми јули. Гувернерот на Јужен Синај Мустафа Афифи прецизира дека цел на нападите биле два хотела и туристичкиот пазар. Тој додаде дека до една од експлозиите дошло кога автомобил бомба влетал во ексклузивниот комплекс на хотели Газала гарден.

„Првата бомба експлодира тука и беше многу силна. Прозорецот беше отворен. Втората експлозија беше помала од првата и сите излегоа од собите од хотелот.“

Изјави еден очевидец. Египетскиот министер за внатрешни работи ел Адли не ја исклучи можноста дека синоќешните напади биле поврзани со повеќето експлозии што се случија пред девет месеци во неколку хотели во Синај при што загинаа над триесет луѓе.

„Ова е страшен акт на тероризам. Ние сме решени да ги уапсиме оние што ги подготвија нападите.“

Во меѓувреме, две организацации се огласија дека ја преземаат одговорноста за нападите. Едната со име Ал Каида за Левант и Египет и втората која се нарекува Абдула Азам бригади за Сирија и Египет. Тогаш египетските власти соопштија дека тие биле во врска со израелско палестинските судири и покренаа бран апсења во Синај. Инаку, Соединетите Држави, Русија и Обединетите Нации веднаш ги осудија синоќешните терористичките напади во египетското одморалиште Шарм ел Шеик. Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс која престојува во Ерусалим нападите ги оцени како ужасни и бесмислени. За официјална Москва станува збор за криминален акт, додека генералниот секретар на Обединетите нации Кофи Анан, како што соопшти неговиот портпарол, на нападите реагирал со жалење и лутина.
XS
SM
MD
LG