Достапни линкови

Британската полиција интензивно трага по четири лица


Британската полиција, како што јавуваат агенциите, интензивно трага по четири лица за кои се верува дека се одговорни за вториот бомбашки напад извршен во лондонскиот транспортен систем во изминативе две недели. Слично како и првиот и вчерашниот беше изведен во три метро возови и во двокатен автобус. Скоро истовремените експлозии беа со помал интензитет и без жртви. Има извештаи дека трагедијата била избегната поради тоа што биле активирани само детонаторите на експлозивните направи. Засега никој не ја презеде одговорноста.

Британската полиција верува дека експлозивните направи биле поставени со цел да убијат на ист начин како што тоа беше на седми овој месец кога во Лондон загинаа над пеесет луѓе. Премиерот Тони Блер побара од британците да продолжат со нивната секојдневна работа.

„Знаеме зошто се прават овие работи: да ги уплашат и да ги застрашат луѓето и да ги натераат да бидат загрижени. За среќа, нема жртви, полицијата е на теренот и мислам дека на сето ова треба да реагираме мирно и да ја продолжиме нашата работа што е можно понормално.“

Изјави Блер непосредно по вчерашните напади. На таков став е и американскиот претседател Џорџ Буш, додавајќи дека терористите, со убивањето недолжни граѓани, се обидуваат да ја скршат волјата на слободниот свет. ,,Со тоа тие сакаат да создадат простор за ширење на нивната идеологија на омраза,, изјави Буш. Во реакцијата на Европската Комисија пак, се вели дека вториот напад во Лондон потврдува дека тероризмот претставува постојана закана од која никој не е безбеден и оти тоа е напад врз Европа и демократијата воопшто. Затоа, како што се додава во соопштението, Комисијата ќе ги охрабри земјите членки да направат се што е можно за да ги примент антитерористичките мерки, како што е и контрола на телефонските и интернет врските. Британската влада вчера, според аналитичарите, уште еднаш се најде под притисок во врска со прашањето дали Лондон стана поатрактивна цел на терористите поради британското сојузништво со Соединетите Држави во Ирак. Тоа неколку дена пред вчерашните напади јасно беше изнесено во извештајот на влијателниот Кралски институт за меѓународни работи, попознат како Четам Хаус. Но, премиерот Блер не е на такво мислење:

„Грешка е ако се мисли дека тероризмот наеднаш почна во изминативе неколку години. Корените на ова се подлабоки. Терористички напади имало и пред десет години и начинот на кој можеме да ги спречиме, покрај безбедносните мерки, се и откривањето на тие луѓе, нивната идеологија, нивните методи.“

Вели Блер. Сепак, експертите се на став дека ирачката војна, ако ништо друго им го олесни патот на терористичките организации при регутирањето свои припадници.

„Мислам дека можеби тоа им помага на групите како Ал Каида да регрутираат малку повеќе.“

Вели Нејтан Браун од Карнеџи институтот во Вашингтон.
XS
SM
MD
LG