Достапни линкови

Владо Димов, министер за здравство. Реформи или здравството е мртво


Во време кога вие сте министер за здравство, здравството повторно се соочува со проблеми. Еден од последните е недостатокот на реагенси на клиничкиот центар?

Во делот на снабдувањето на центрите мислам дека тука големо влијание има изменетиот начин на набавување во секоја од установите. Тоа е долг начин, луѓето уште не се научени да вршат планирање на годишно ниво. Но, проблемот не е само во тоа што луѓето не се обучени да ги прават тендерите и да ги согледуваат вистинските годишни потреби одеднаш, туку мислам дека причина за ваквата работа исто така можеби е недостатокот на финансиски средства, како и начинот на организирањето на тендерите. Ние во Македонија имаме сто здравствени установи, тие имаат потреби за неколку десетици различни материјали и начинот на којшто тие, секој посебно, преку тендери, набавува се што му е потребно, дефинитивно не е добар начин и затоа во идните реформи предвидуваме дека фондот ќе ги утврдува референтните цени и ќе ги обврзе дека нема да смеат да купуваат по повисока цена од таа што е одредена. На тој начин ќе створиме услови и за пократки тендерски процедури, затоа што на ќе треба да се врши само избор на добавувач според квалитетот.

Вработените во здравството сметаат дека здравството е во сериозна криза, дека состојбата се влошува. Деновиве на некои клиники осамнуваат и летоци од аспект, штеди шприцеви, штеди санитетски материјал. Каде ги лоцирате проблемите? Секој ваш претходник проблемот го лоцира дека здравството е во транзиција, дека се прават реформи?

За разлика од моите претходници јавно кажувам или реформи или крај на здравството. Мислам тука да немаме илузија дека можеме да продолжиме и понатаму како што било и што сега да менуваме. Реформите ќе ги подобрат состојбите на сите места каде што има злоупотреба на здравствениот денар, штедење на потрошувачката во средства, во простор, а и штедењето на шприцевите не е за потценување, затоа што можам да ви наведам милион примери каде што наместо еден се потрошени десет, не два шприца. Тие пари што ги има државата што ги дава, не се малку за Македонија, за нашата состојба. А, одговорноста, и она што сакаме да го направиме понатаму е точно да ја утврдиме одговорноста на сите во здравството. Односно, фондот со тоа што до сега го имаме, со плаќање и место каде што заради таквиот начин на организација се генерираа огромен број од дубиозите во здравствениот систем, треба да добие нова улога, тоа да биде чисто банкарска институција. Да ги собира средствата од сите извори, од придонеси, од буџет итн, а менаџерите на центрите ќе можат да ги менаџираат парите и да одговараат дека за парите што ќе ги добијат ќе ги спроведуваат договорите што ги потпишале, притоа сами за себе да одговараат, а не како во овој случај сега, вадејќи се дека некој друг плаќа за нив, дека немаат увид во цените, количините итн. Мислам дека тоа е еден од главните предуслови коишто треба да доведат до суштинска промена во македонското здравство.

Дали го делите впечатокот на обичните луѓе коишто велат дека за нив јавното здравство се претвори во приватно, затоа што треба да издвојуваат суми за одредени услуги во јавното здравство?

За тоа дали граѓаните може да ги исполнат своите права и има потреба да плаќаат можам да го кажам следното, точно тоа е целта на реформите. Ние мора да кажеме што реално оваа земја може да покрие и што реално ќе има во тие пакети на здравествени услуги и за кои категории на корисници да знаат дека тоа што им е пишано им следува. Во овој момент имаме 1,8 милиони граѓани коишто користат еден пакет, во којшто јасно е кажано дека се е бесплатно и од друга страна имаме една реална слика во којашто тоа во реалниот живот не се остварува, а не се остварува затоа што Македонија нема можност така да го организира и да им го обезбеди на луѓето.

Како тоа ќе се направи тој баланс во цените? Дали ќе се оди кон поскапување или ќе остане група бенефицирани?

Никој не го споменал поскапувањето во никој случај. Секоја категорија осигуреници ќе бидат адекватно заштитени и ќе влегуваат во пакет на услуги со што и минималниот пакет ќе биде доволен да ги заштити од многу работи. А, во секое време ќе имаат можност со доплата, којашто не е доплата пресметана на високи вредности да може да преминат од еден во друг вид осигурување.

Што ќе се случи со процесот на децентрализација и префрлањето на дел од надлежностите во примарното здравство на општините. Има ли тука јасна слика?

Тоа беа два модели кои многу се размислуваа. Дали примарното здравство да помине во локалната самоуправа, како што е во многу земји. Основната причина поради којашто тоа не се случи е различната економска развиеност на економските подрачја на Македонија и неможноста да гарантираме дека луѓе коишто потекнуваат од различни региони ќе имаат ист квалитет на здравство. Во овој момент локалната самоуправа врз примарното здравство е тоа што во институциите учествуваат по двајца претставници на локалната самоуправа во управните одбори. Најверојатно процесот во иднина како што ќе оди развојот во Македонија ќе се согледа дали може да премине на локално ниво, но економскиот развој ќе го утврдува тој процес.

Во меѓувреме има и друга актуелна тема, изградбата на турската болница кај хотелот Панорама на Водно, со тоа што играта околу спственичките односи се комплицира. Од каде сега се појавија во играта и Реплек?

Јас мислам дека на Македонија она што не може државата да го обезбеди, а тоа е висока технологија, тоа ќе биде една од формите таквиот развој да го добиеме. Евидентно е она што ние сакаме да го имаме во здравството и она што се наметнува како темпо на развој ние како држава тешко може да го озезбедиме. Имајќи го предвид бруто националниот доход, ние имаме здравство над можностите, тоа е факт. Што се однесува до инволвираноста на Фершпед и Реплек, јас точно не ги знам како стојат работите, но можам да ви го кажам следново. Нашиот закон не овозможува стонастотна странскат инвестиција во здравствен објект. Таа пара, макар еден насто, мора да има учество на домашен партнер. Таму е такво е и учеството на партнерите од Македонија. 98 насто, носител на инвестицијата е турската компанија. Турскиот премиер на прес конференција ја спомена оваа инвестиција која тежи 40 милиони евра како најголема и не верувам дека некој туку така ќе биде споменат од турски премиер, а исто така не верувам дека некој несериозен човек ќе дојде да инвестира толку пари тука.
XS
SM
MD
LG