Достапни линкови

Отсуство на впечаток меѓу граѓаните за подобрување на квалитетот на живот


Петта година по воениот конфликт во Македонија, меѓу луѓето отсуствува впечатокот, дека како општество, нашата земја има подобар квалитет на живот, под притисокот на најголемиот проблем со невработеноста и економските прилики, останува нејасно дали останува и оптовареноста со дел од старите проблеми, односно, наследството од 2001 година и Рамковниот договор. Но, како и да е, додека одделните инциденти влијаат врз психолошката клима во земјата, измешани се чувствата на обичните луѓе кои автоматски велат дека се разочарани со се:

„Не гледам промени. Се е исто. Ако нема работа, зборувај како сакаш. Не вреди дали ќе зборуваш албански или македонски ако немаш работа.“

„Мислам дека е полошо отколку што е подобро.“

„Проблемот е во актерите во владата, што друго и да кажам ќе е на суво“

„Да имав јас 8 илјади плата, нема да ме интересираше што боја си, што националност си, ништо нема да ме интересираше, туку само за моето семејство.“


Но, сепак останува недоречен проблемот, дали проблемот во општеството е сведен само на пари, невработеност и стандард или во позадина стојат и прашања од поинаква природа. Со промените од Рамковниот договор е создадена основа врз која нашата земја треба да се развива како општество вели публицистос Исо Руси, според кого промените од 2001 година се несомнени, почнувајќи од промените во Уставот

„Не може да се каже дека нема резултати. Но, она што фали е чувството на двете најголеми етнички заедници е дали тоа што се случи во 2001 година е добро или лошо. Еве, да речеме во дебатата за законот за знамето, претходно законите за децентрализација или како што ќе биде во однос на враќањето на четирите случаи од Хаг, старите нерасчистени работи од 2001 година продуцираат нови делби, нови стереотипи.“

Во меѓувреме, македонското општество живее во хаотични прилики. Според Мирјана Малевска, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, по Рамковниот договор како придобивка се обезбеди подобрување на безбедносната состојба, но државата не успева да обезбеди подобрување на квалитетот на живот во една општа смисла:

„Не велам, дека со време и до тоа нема да дојде. Секој ден патувам од Скопје за Тетово на универзитет и можам да ви кажам дека во сообраќајот е хаос. Убијци се движат по патиштата, има правила, но не се почитуваат. Затоа велам, не зависи се од Рамковниот договор, мора самите да се култивираме. Квалитетот на живот е многу пошироко нешто и не зависи само од Рамковниот договор.“
XS
SM
MD
LG