Достапни линкови

logo-print

Состојбата во Македонија стабилна, но случаите како Кондово мора да се решаваат побрзо


Вкупната безбедносна ситуација во Македонија во моментов е во граници на нормалата и не постојат закани или ризици кои би предивикале поширока дестабилизација, изјави претседателот Бранко Црвенковски по речиси четири часовната седница на Советот за безбедност. Тој додаде дека Министерот за внатрешни работи Љубомир Михајловски, информирал за акциите кои ги презема МВР на целата територија, со посебен акцент на Кондово:

„Беше заклучено дека се работи за вооружени лица и групи коишто настапуваат пред се со криминални мотиви, но постојат и обиди од одредени политички субјекти да ги употребат во политичка цел. Без разлика на тоа, беше заклучено дека МВР треба да ги преземе сите мерки за во најкус можен овие лица, сторители на кривични дела, за коишто постојат и судски пресуди да бидат изведени пред лицето на правдата.“

Црвенковски потенцираше дека не се утврдени точни рокови за апсењето, но дека МВР тоа треба да го изврши во најкус можен рок. На седницата било разговарано и за стабилноста на регионот, во пресрет на почетокот на преговорите за финалниот статус на Косово:

„Тоа е прашање што перманентно ќе биде разгледувано на секоја седница на Советот, бидејќи објективно е значајно, се работи за процес во којшто е инволвирана и целата меѓународна заедница, и треба превентивно да преземаме мерки за да се елиминира или минимизира ризикот од можни прелевања на некакви нестабилности на територијата на Македонија.“

Претседателот истакна дека случајот Кондово мора да се решава институционално, а не по пат на политички договори како што беше до сега:

„Не може и не смее, во Македонија, да се толерираат вакви состојби и треба да се решаваат во најбрз можен рок и со најсоодветни средства.“

Како причина за нерешената состојба во Кондово тој го посочи токму несоодветниот начин за решавање на проблемот.
XS
SM
MD
LG