Достапни линкови

Почит за жртвите на терористичките напади во Лондон


Во земјите на Европската Унија во тринаесет часот со две минутно молчење ќе им биде оддадена почит на жртвите од терористичките напади во Лондон пред една недела. Најмалку пеесет и двајца беа убиени и стотици други ранети во бомбите што експлодираа во лондонското метро и во еден автобус. Во завршната декларација по итниот состанок во Брисел, министрите за внатрешни работи и за правда ја нагласија потребата од нови антитерористички мерки кои ќе се имплементираат во Унијата.

Министерскиот состанок беше свикан од Британија како земја претседавач на Унијата, а со цел побрза спроведење на законите со кои се регулираат антитерористичките мерки во Европа. Британскиот министер за внтершни работи Чарлс Кларк изјави дека Европската Унија мора да почне да се справува со тероризмот со зголемена итност.

„Човековото право да се патува со метро во минатиот четврток во Лондон, а без тоа да биде разнесено, е исто така важно човеково право како и сите други.“

Кларк прецизира дека постои хиерархија во тие права. Според него, правото на фер судење и правото слободно да се оди на работа се поважни од, на пример, ограничувањето на приватноста што е потребно во спроведувањето на некои мерки за зголемување на безбедноста. Во нив е вклучена и пошироката употреба на контролни камери и на лични карти. Со цел да се зајакне европската безбедност, на министерскиот состанок во Брисел е договорено до крајот на годината да бидат донесени и дополнителни мерки како онаа за спаневропска потрага по докази, подобра размена на информации меѓу националните органи за спроведување на законот и спречување на финансиите на терористичките организации. Освен тоа Британија бара телефонските и интеренет компаниите да ги чуваат снимките на повиците и на мејловите најмалку барем една година. Ова барање во минатиот месец беше отфрлено од Европскиот парламент под образложение дека со тоа многу ќе се наруши приватноста на граѓаните. Но, според британскиот министер за надворешни работи Џек Строу, ваквата мерка ќе биде многу ефикасна во борбата против глобалниот тероризам.

„Операторите на мобилни телефони и провајдерите на интернет и сега ги чуваат овие податоци како дел од нивната внатрешна политика. Второ, тоа ќе значи извесен дополнителен трошок, но тоа ќе го платиме за да го заштитиме човечкиот живот. И конечно, во минатиот четврток терористичките акти се случија во Лондон, но нивните жртви се и од други земји. Сите ние сме жртви на тероризмот.“

Евроминистрите се заложија и за покоординирана политика во спречувањето на регрутацијата на терористи во Европа. Британските власти веруваат дека лондонските напади биле изведени од млади муслимани родени во Британија, но со помош на терористи од странство.
XS
SM
MD
LG