Достапни линкови

logo-print

Постигнат е прогрес во војната против тероризмот


Американскиот претседател Џорџ Буш синоќа повтори дека е постигнат прогрес во војната против тероризмот и им заблагодари на воените сили за нивните напори во конфликтот. Тој исто така наведе дека Соединетите Држави остануваат цврсто со Британија која во минатата недела беше цел на терористички напади.

Џорџ Буш оцени дека бомбашките напади во Лондон биле само последните во серијата терористички акти кои мора да бидат спречени со употреба на сила.

„Целта на терористите е повторно да го направат Блискиот Исток според нивниот свиреп имиџ на тиранија и притсок со уривање влади, со извоз на терор и со присилување на слободните народи да се повлекуваат. За да ги постигнат овие цели тие ја нападнаа и нашата земја и продолжија да убиваат на Бали, во Казабланка, Истанбул, Мадрид...“

Буш кој говореше во тренинг центарот на Федерлното истражно биро во Квантико во близина на Вашингтон уште еднаш ја изрази солидарноста со Британија и ја повтори изјавата на Тони Блер дека решеноста на цивилизираниот свет ќе ја надживее желбата на милитантите за убивање. Буш соопшти дека неговата стратегија се заснова врз три работи: заштита на американците од натамошни напади, истрага и откривање на заговори за напади во Соединетите Држави и врз третата која ја оцени за најважна:

„Остануваме во офанзива. Се бориме против непријателот во Ирак и Авганистан и низ целиот свет за да не се соочиме со нив, тука дома.“

Изјави Џорџ Буш. Ваквата стратегија, според Френк Килуфо, еден од поранешните советници на американскиот претседател, досега се покажала за ефикасна. Тој додава дека една од тактиките на милитантите е да ги натераат граѓаните на некоја земја да имаат постојан страв со цел да им ја намалат довербата кај нивните лидери. Килуфо вели дека Буш ја употребува истата тактика со тоа што ја префрли војната против милитантите, најпрвин во Авганистан и сега, во Ирак.

„Многу ни се важна кампањата и војната во странство за да ги држиме нив на работ, да ги тераме да гледаат преку рамото, да им ги намалиме нивните можности да се обучуваат како што тоа го гледавме во Авганистан, каде што тие слободно оперираа.“

Според Килуфо, не постои подобар начин за спречување на нападите како оние на единаесетти септември, отколу да го држиш непријателот зафатен насекаде во светот. Но, ваквото мислење не го дели директорот на катедрата за Блискиот Исток на Универзитетот во Вашингтон Мурхаф Џуеџети кој вели дека ваквата стратегија не е фер.

„Не е фер за ирачаните и не фер занекој друг. Сега кога американските граници се позатворени од кога е и да е досега, тероризмот се случува во Европа, но најмногу во Ирак и врз ирачките цивили. И додека американците можеби се побезбедно, тоа сигурно не е случај со ирачаните.“

Оценува Мурхаф Џуеџети кој додава дека Буш на таков начин само им помага на милитантните групи да наоѓаат нови регрути во војната против Соединетите Држави.
XS
SM
MD
LG