Достапни линкови

На пазарот во Шуто Оризари цените и до 50 насто поефтини


Рачно склопени тезги, покриени со разнобојни циради и платна, турканиции, гласна музика, непријатна миризба... Вака изгледа пазарот во Шуто Оризари, кој се наоѓа само пет километри северно од центарот на Скопје. Поради ниските цени на облеката и обувките, ова место е едно од најпосетуваните.

„Исти се работите, а поефтини се.“
„Се исплати, зашто има исти работи како во трговските центри, само е поефтино.“


Во Шутка има се и сешто. Најмногу облека и обувки, но и прехранбени производи, алкохолни пијалоци, железарија итн. На овој пазар цените се над 50% поефтини од оние во центарот на градот. Продавачите велат дека немаат никакви давачки, па затоа продаваат ефтино. Заработката е минимална велат тие.

„Добро е за парче леб.“
„Мала заработувачка, поголем обрт да има.“


Облеката ја набавуваат од најразлични места. Еден од продавачите на чанти вели дека истите ги набавува само 30 ден. поефтино од нивната продажна цена.

„Ни носат стока од Турција, Дубаи. Имам по 20 до 25 денари заработувачка од парче и доволно ми е.“

На имровизирана тезга од неколку картонски кутии, една жена продава марамчиња, фолија за обложување на храна и др ситници. Вели дека продава само за да не седи дома.

„Нема работа. Што ќе правиш...“

Некои од редовните посетители велат дека во однос на претходните неколку месеци, цените на производите во Шутка се покачиле.

„Беше многу поефтино. Сега е поскапо, зашто сите трчаат тука да купат мислејќи дека е поефтино.“

Продавачите велат дека од време на време пазарната инспекција го посетува овој пазар и наместо да ги казнат им ја конфискуваат стоката. Но, истовремено признаваат дека најчесто кога ќе слушнат дека доаѓа инспекција собираат се и бегат.

Во Шуто Оризари има два пазара: едниот е регистриран во сопственост на Скопски Пазар и тој е чист, уреден но и многу поскап, од другиот кој ние го посетивме, а се наоѓа веднаш зад плоштадот.
XS
SM
MD
LG