Достапни линкови

Во последните полициски акции во Долно Блаце и Брест немаше злоупотреба на службена должност


Ситуацијата во Македонија е стабилна, последните полициски акции што се случија во Долно Блаце и Брест се активности кои имаат за цел откривање на нелегално оружје и ништо повеќе, велат меѓународните претставници во земјава говорејќи за двете акции на припадниците на Министерството за внатрешни работи во кои беше откриено големо количество на оружје. Тие ги отфрлаат и коментарите на некои политичари дека Брест е ново Кондово:

„Ние бевме информирани, „Проксима“ беше информирана за двата случаи и ние испративме неколку европски претставници да ја набљудуваатоперацијата кои оценија дека немаше злоупотреба на службената должност,“

изјави Андреа Анџели од полициската мисија на Европската Унија по обвинувањата на месното население дека биле малтретирани при претресот на куќите. Тој посочува дека станува збор за регуларни полициски акции во кои е откриено нелегално оружје:

„За несрека ова е свет во кој живееме, нелегалното оружје е присутно во многу земји и вакви акции се спроведуваат секојдневно во различни области на светот. Нелегалното оружје се конфискува и во многу земји во западна Европа.“

Анџели оценува дека ситуацијата во земјава е генерално стабилна и оти некои активности во Македонија не треба да се поврзуваат со случувања во регионов како на пример решавањето на прашањето за статусот на Косово:

„Немаме никакви елементи за да поврземе било какви случувања во различни делови на Балканот“

И од ОБСЕ сметаат дека ситуацијата во земјава е стабилна:

„ОБСЕ не беше присутно за време на полициските акции во Брест и Долно Блаце. Нашите набљудувачи сепак ја следат ситуацијата и работат на намалување на било какви несакани случаи. Исто така немаме информации за можни инциденти,“

изјави Сали Браутон од ОБСЕ.
XS
SM
MD
LG