Достапни линкови

logo-print

Зоран Јачев, претседател на Транспарентност Македонија. Ако вака продолжиме во Македонија ќе доаѓа само шпекулативен капитал


Последен пример на недоследно спроведување на процедурите е лицитацијата на земјиштето спроти зградата на НБМ, каде е предвидено изградба на трговски центар. Како го коментирате овој случај?

Прво, добро е тоа што се направи лицитација меѓутоа она што не чини е она што повторно има коментари на исправноста на лицитацијата. Дефинитивно ќе мора да престанеме со практиката да спроведуваме лицитации или активности коишто ќе предизвикуваат коментари. Тоа не изгледа сериозно за земја во реформи и земја којашто би требало да привлече странски инвестиции. Прво што мора да направиме е секогаш да има тендерска процедура и второ таа да биде спроведена кристално јасно, за да нема никакви коментари и најдобрата понуда да го добие она што треба да го добие.

ЕБОР ги повика надлежните во земјава да не склучуваат непосредни спогодби. Може ли во скоро време да се очекува надминување на ваквата состојба или елиминирање на вакви ситуации?

Би сакал да можам да предвидам дали ќе се поправи состојбата или не, но она што е реално е дека практиката на склучување непосредни спогодби продолжува што апсолутно не е добро. Непосредните спогодби постојат за во некои ситиации во полза на јавниот интерес да се направи брза одлука и да се спроведе нешто како што треба. Меѓутоа, две работи не смеат да се направат. Прво, никако не смее да се случи непосредните спогодби да бидат правило, и второ кога по исклучок би се случила непосредна спогодба, ќе мора многу добро да биде објаснето во јавноста зошто е така постапено. Односно, мора да се докаже дека постапувањето по пат на непосредна спогодба била во полза на јавниот интерес. Еве, тоа да го споредиме со пример. Ако веќе некој склучил непосредна спогодба, ќе мора да внимава тоа да биде во јавен интерес, односно да се постигне повеќе отколку што би се постигнало со јавно наддавање или лицитација. И тоа мора јасно да се каже во јавноста. Да, постапивме така, заради ова и ова. И веруваме и тврдиме дека направивме добро. Бидејќи непосредните спогодби, ако не се добро објаснети во јавноста, што е практика во Македонија, секогаш, со право, предизвикуваат сомнеж за можно коруптивно однесување.

Каква слика создаваат претходно споменатите ситуации за земјава?

Дефинитивно лошо. Луѓето што имаат чисти пари за инвестирање сакаат да инвестираат каде што има јасни услови за игра, каде што има јасни правила на игра и каде што може да си го предвидат својот бизнис. Ако продолжиме вака, не само што нема да привлечеме квалитетни инвестиции, туку напротив, ќе се случува она што до сега се случуваше, главниот дел од инвестициите ќе биде шпекулативен капитал.

Премиерот неодамна порача дека затајувачите на данок нема да може да спијат мирно. Каде се институциите на системот што треба да реагираат, и дали ова е начинот на којшто премиерот треба да се вклучува во борбата против корупцијата?

Секоја борба против непочитувањето на законот е добредојдена, ама треба да се внимава, таа борба да не биде селективна. Да биде јасна и бескомпромисна и да се користат институциите. Добро е ако премиерот најавил борба против луѓето што затајуваат данок, меѓутоа требаше да ги видиме и другите институции на дело, односно МВР, јавното обвинителство коишто или ќе преземат дејствија, а од друга страна изјавата на премиерот повеќе личи на предупредување, отколку на вистински повик за акција. Моето мислење е дека треба да ги видиме надлежните институции на делот, отколку да имаме декларативни заложби за борба против корупција.

Нереагирањето на институциите наведува и на прашањето за капацитетот на институциите во земјава воопшто. Која е вашата оценка?

Мора да бидам искрен бидејќи бев дел на администрацијата дека во 15 години не е лесно да направите цела администрација. Да не заборавиме дека Република Македонија почна безмалку од нула да ја гради администрацијата. Не би сакал да бидам премногу груб спрема администрацијата, но таа сеуште го нема потребниот капацитет за спроведување на реформите пред нас. За да може тоа да се направи ќе мора да се расчисти со неколку работи. Ќе мора да се запре со размислувањето одозгора надолу, практично само спроведување на одлуките на повисоките инстанци. Треба да се остави и простор на професионалците да си ја вршат работата врз основа на закон. Второ, треба да се направи намалување на влијанието на политиката во администрацијата. Да не зависат луѓето само од одлуката на министерот или на владата. Треба да се остави повеќе простор на луѓето што си ја знаат работата ако ништо повеќе барем да предлагаат решенија, а политиката да ги спроведува. Значи, ни треба понезависна администрација и професионалци.
XS
SM
MD
LG