Достапни линкови

ОБСЕ бара транспарентен процес, чисти пари и непартиски изборни комисии


Во очекување на парламентарните избори, македонските власти мора да направат измени во изборното законодавство, на што треба да се работи забрзано, за да не се повторат грешките од минатите избори, ова е препораката од финалниот извештај на ОДИХР, набљудувачката мисија на ОБСЕ која вршеше мониторинг и на последните избори во земјава:

„Најважната сугестија која ние ја препорачуваме е многу брза акција од властите за да покажат дека не постои толеранција за инцидентите кои се случија за време на локалните избори. Имаше неколку случаи на изборен фалсификат и одговорните за тоа треба да бидат казнети, а избирачите треба да го видат тоа,“

изјавува Улдрух Гунерсдотер, портпарол на ОДИХР.

За прв пат, на наредните избори, според препораките на ОДИХР кои треба да бидат вметнати во промените на регулативата ќе треба да се изврши поголема контрола на парите кои партиите ги трошат за изборните кампањи. Непартиски членови во избирачките одбори со цел намалување на партиското влијание, прочистување на изборните списоци, се останатите препораки на ОДИХР кои треба да бидат имплемнтирани во изборите. Поголема транспарентност на изборите, треба да биде главната цел на овие промени, посочуваат од граѓанската асоцијација МОСТ, која работи на изборното законодавство:

„Би се утврдиле условите, колку би траела изборната кампања, кој се може да предлага и да номинира, транспарентноста на финансирањето,“

потенцира Владимир Мисев од МОСТ.

Од министерството за правда пак, кое е надлежно за донесување на новите изборни закони, велат дека за таа цел е формирана работна група и оттаму ветуваат дека измените ќе бидат донесени и побрзо од предвиденото

„Новата изборна регулатива е предвидена за 2006 година, меѓутоа затоа што 2006 е изборна година ќе се настојува конечните решенија да бидат завршени до крајот на годинава,“

изјавува портпаролот на Министерството за правда Убавка Матевска.

Во меѓувреме, во ОДИХР, освен ова и со очекување за поголема политичка волја од страна на македонските власти за надминување на нерегуларностите, поврзани со изборите во земјава:

„Потребни се измени во изборното законодавство, но тоа не е доволно. Најважно е да се покаже политичка волја, и она што не беше во ред да се поправи што побрзо,“

порачува портпаролот Гунарсдотир.
XS
SM
MD
LG