Достапни линкови

logo-print

Очекување лидерите да ги повторат плановите за проширување


На самитот на Европската Унија оваа недела се очекува да биде повторено дека нејзините планови за натамошно проширување се уште важат. Сепак, некои европретставници признаваат дека кризата со Уставот го комплицира ваквиот историски процес.

Европската Унија јавно инсистира дека Француското и Холандското „не“ за Евроуставот нема да ги блокира плановите да ги земе во прегратка Романија, Бугарија и Турција, како и неколку други балкански земји.

„Мојата порака до народите и владите на Западен Балкан е дека процесот за стабилизација и асоцијација продолжува. Вратата на Европската Унија е се уште отворена за оние земји кои ги исполнуваат критериумите, во зависност од тоа во која фаза се наоѓаат во овој процес.“

изјави еврокомесарот за проширување Оли Рен вчера во Луксембург на подготовката на претстојниот Европски самит. Но, двојното одбивање ја донесе Европската Унија пред невиден метеж и ја откачи спиралата на прашања за тоа дали Унијата може да продолжи да ги игнорира страхувањата на европските избирачи околу плановите за нејзиното натамошно проширување. Имено, токму загриженоста од таканаречената делокализација или селењето на работните места во новите членки на Унијата и можниот влез на Турција се сметаат за главните причини за негативните референдуми во Франција и Холандија. ,,Околу проширувањето е кажано се што требаше да биде кажано. Нема никакви промени,, велат од луксембуршкото претседателство на Унијата кое ќе биде домаќин на самитот засенечен од кризата околу Уставот. Сепак, во рамките на Унијата веќе има интензивни разговори за тоа дали на самитот треба воопшто да се спомене процесот на европското проширување. Меѓутоа, аналитичарите предупредуваат дека отсуството на некаква препорака го носи ризикот од испраќање на негативен сигнал до земјите кандидати за членство, и до оние што се трудат да станат тоа. Тука пред се станува збор за Романија и Бугарија кои имаат потпишано договори за прием што, според плановите, треба да се случи во две илјади и седма. Но, сега веќе се појавија мислења дека тоа треба да биде одложено за една година. Хрватска и пред кризата со евроуставот се најде под мраз поради нецелосната соработка со Хашкиот трибунал. Што се однесува до Турција пак, министрите за надворешни работи го финанлизираа договорот за царините меѓу Анкара и десете нови членки во Унијата што, според аналитичарите, е уште еден чекор кон стартот на преговорите за членство. Но, кога: никој не знае. ,,Тоа е како да зборуваш за уредување на детската соба без да си бил на прв љубовен состанок,, наведува еден дипломат од Британија, чија земја во идниот месец го презема претседавањето во Унијата. Сепак, како што сметаат некои експерти, колебливоста околу Западен Балкан е меѓу најзагрижувачките елементи. „Тоа пак, ќе ја намали способноста на Европската Унија да ги убеди кандидатите да ги продолжат реформите,, оценува Аласдир Муреј од Центарот за европски реформи со седиште во Лондон, додавајќи: ,,Која земја ќе сака да ги исполни претераните европски барања без да верува дека ќе може да биде примена во Унијата“.
XS
SM
MD
LG