Достапни линкови

Катерина Костадинова Даскаловска, директор на државниот Завод за статистика. На Македонија и е неопходна популациона политика


Г-ѓа Даскаловска повеќе од две години по завршувањето на пописот, повторно се појавуваат оспорувања на резултатите посебно за бројот на етничките заедници. Овој пат тоа се случи од академската јавност во земјава на научниот собир кој неодамна се одржа во МАНУ? Кој е вашиот одговор на ова?

Веднаш сакам да потенцирам дека резултатите беа оспорувани само од поединци и немојте да дојдете до погрешен заклучок дека научниот собир ги оспори резултатите. Овој попис како и минатиот, беа под лупата на меѓународната заедница и секој поединец кој барем малку од блиску ја прател целата оваа операција, знае низ колку контроли поминавме. И навистина да се оспорува извештајот и на меѓународната зедница која го пратеше спроведувањето на пописот на терен, обработката на материјалите и направи анализа на резултатите и никаде не се најде разлика, е непотребно. Исто така направивме и постпописно истражување кое покажа дека во однос на опфатноста речиси нема разлики, односно имавме 2-3% над попишано население, што значи некои дупло попишани и 1-2% пот попишано население, што значи дека на ниво на Македонија нема разлики, односно ,,горе-долу,, населението со пописот е целосно опфатено. Сакам да кажам дека во светски рамки се толерира дури и до 10% грешка, но кај нас тоа не се случи, односно пописот беше во рамки на статистички сигнификантните оценки.

Кога веќе го споменавте, ќе бидат ли наскоро објавени резултатите од постпописното истражување?

Поспописното истражување не е објавено, но јас реков дека ние, доколку има потреба можеме да го ставиме извештајот на нашата веб станица. Но, сакам да кажам дека беше пуштена дезинформација околу ова постпописното истражување во јавноста, за намерно да биде предизвикана реакција. Ова истражување потенцирам дека секаде во светот се врши чисто за анализа и оценка на резултатите, а не за широка употреба.

Можна ли е ревизија на пописот? Во рамки на собирот во МАНУ имаше и такви најави.

Прво, ревизија не треба да има затоа што пописот е докажено дека е добро спроведен и ние неможеме постојано да ги оспоруваме резултатите од една официјална институција, спроведени врз основа на методологија, со цела машинерија од 10 илјади лица, во кој секој имал своја одговорност и задача врз основа на меѓународни стандарди, потоа имаме извештај дека се беше спроведено во ред и незнам зошто би имале во таков случај, ревизија на пописот.

Г-ѓа Даскаловска сметате ли дека кај нас статистика е исполитизирана?

Од Заводот за статика кој да кажам условно ја ,,произведува,, статистиката, нема никаква политизација, а тие што ги употребуваат податоците можно е да ја политизираат. Во нашата основна дејност нема политизација. Значи ние стручно си ја извршуваме дејноста и според методологиите и според законска регулатива која е пропишана, така да политизација тука нема.

Ве прашувам бидејќи во јавноста изминатиов период се доби таков впечаток посебно околу резултатите со индустриското производство и евентуалната ,,грешка,, во првичното објавување на неговиот пад. Која е сега реалната слика за развојот на индустриското производство во земјава?

Има неколку индекси кои ги објавуваме. Едниот од нив е во однос на просекот од годината која се зема за споредба и мислам дека за последниот месец индексот изнесуваше 8 процентни поени пораст во однос на просекот. И само да надополнам во однос на ,,грешката,, која ја споменавте. Јас објаснив и тогаш на прес конференција во однос на таа ,,грешка,, која била направена во месец јануари-февруари. Грешката била математичка, велам била, бидејќи јас тогаш не бев пристуна, таа се направила при пресметката, значи чисто во однос на техниката на пресметување, подоцна таа била откриена и корегирана, но податоците не биле објавени. Подоцна во летниот период ги објавивме податоците и кажавме дека и тие грешни индекси не биле употребени за пресметка на други индикатори, така да воопшто немало верижна штета направено во некој друг индикатор.

Да се префрлиме на податоците за населението. Демографски велат податоците македонското, во однос на другите етнички заедници, старее. Ова имено беше и дискутирано на научниот собир во МАНУ. Може ли да се случи дисбаланс во етничката рамнотежа доколку не се понуди соодветна популациона политика?

Во основа точно, кај етничките македонци повеќе старее населението, а кај етничките албанци имаме помладо население и население во фертилна возраст, односно со уште потенцијал за поголем природен прираст отколку кај македонското. Ова не е случај само во однос на албанското и македонското население, разлики постојат меѓу сите етнички заедници во Р Македонија. Точно е дека е потребна популациона политика, тоа не е нешто ново туку секоја држава треба да има таква политика, не од аспект кој се настојува сега да се пласира, дали еден етникум треба да се ,,множи,, а друг не, туку напротив треба да се води сметка за населението… Во смисла за обезбедување на основни услови за живот, за подобурвање на економските состојби, за престанок на одливот на наши луѓе во странство, значи треба да мислиме и за она да обезбедиме работна сила во земјата… и во таа смисла е потребна една добра популациона политика во координација со сите владини политики за вработување, за обезбедување на услови за подобар живот за да се задржи населението во земјата. Сметам дека треба да се направи една популациона политика, но понатаму не само да се избработи, туку да се преземаат конкретни мерки и активности. Свесни сме дека во 1986-87 година беше донесена резолуција за популациона политика, но таа остана само ,,мртва буква на хартија,, и понатаму не е ништо направено.

Ја споменавте работната сила. Заводот за статистика води евиденција и за степенот на невработеност. Владата вели дека таа е намалена, што говорат податоците?

Ние спроведуваме анкета за работна сила и во оваа насока околу тоа: што покажуваат податоците за степенот на невраотеност?…. можам да кажам дека тие покажуваат дека, сеуште имаме многу висока стапка на невработеност и тоа и во Европа и во регионот, една од највисоките стапки. Од првиот квартал од 2005 година, обработката е при крај и тие податоци наскоро ќе бидат објавени, а она што можам да ви кажам е стапката на невработеност од 2004-та година и таа изнесува 37,2%, а за 2003 година 36,7%. Инаку најголем процент од невработените се млади лица, за жал. Стпаката на невработеност кај нив изнесува 72,8% и тоа се пред се млади на возраст од 15-19 години, а на возраст од 20-24 години стапката на невработеност изнесува 62,5%.

На крајот г-ѓа Даскаловска, деновиве Заводот го прослави својот 60-годишен јубилеј, каде го гледате во иднина развојот на Државниот завод за статистика?

Како што и самата земја има некаква цел некаде до 2010 година да се хармонизираме во се, така и ние имаме една наша интерна цел некаде до 2009 година да успееме да се хармонизираме во се и да работиме да кажам ,,под наводници,, на европски начин и се трудиме да го постигнеме тоа.
XS
SM
MD
LG