Достапни линкови

Во пет центри обука за лекарите и стоматолозите од примарното здравство


Со континуирана медицинска едукација и реиздавање на лиценци за работа на лекарите и стоматолозите на секои седум години отпочнаа реформите во здравствениот систем. Во пет центри во државата ќе се обучуваат лекари и за првпат годинава стоматолози од примарната здравствена заштита.
Потребата од континуирано обновување на знаењето кај лекарите значи подобрување на здравствените услуги од кои добивка ќе имаат подеднакво и пациентите и лекарите, велат од македонското стоматолошко друштво.

„Не велам дека тие не се образуваат инспиративно, меѓутоа многу е подобро кога тоа е организирано и систематизирано, сите добиваат,“

изјави професор Ана Миновска, претседател на стоматолошкото друштво во Македонија.

Таа истакнува дека доколку имаме добро организирано примарно здравство, тоа ќе значи селекција на пациентите на секундарно ниво, како и намалени трошоци и солидна услуга на лекарите кон пациентите. Изборот на лекарите и стоматолозите кои ќе бидат обучувани за едукатори се врши преку јавен оглас, велат од Министерството за здравство:

„И според одредени критериуми, над седум години искуство во работа со пациенти, постојано учество на конгреси и следење на новините во медицината и стоматологијата,“

објаснува Ангелина Блажевска од проектната единица на министерството за здравство.

По завршената обука на лекарите и стоматолозите, истите ќе можат да вршат понатамошна едукација на своите колеги ширум земјата.

Во прилог на подобрување на здравстевените услуги за пациентите, се тековните склучувања на договори помеѓу стоматолозите И фондот за здравствена заштита.

„Договори со фондот склучија 111 стоматолози, тоа значи дека тие ќе може да работат со сини картони.“

изјави Елизабета Белазелковска, портпарол на Фондот за здравствена заштита. Таа додава дека поголем дел од стоматолозите кои склучиле договор со фондот се од приватниот сектор, но постои заинтересираност и кај оние кои преку закуп на државните ординации преминаа од јавното во приватното здравство. Медицинската едукација на лекарите и стоматолозите ќе чини 250 000 долари на годишно ниво.
XS
SM
MD
LG