Достапни линкови

Ѓорѓи Мартиновски, ректор на Универзитетот Св Кирил и Методиј. Според односот финансии - квалитет, нашите студенти се феномени, а ние алхемичари


Господине Мартиновски, колку најголемиот универзитет во државава, кој неодамна на својот патронен празник ја прослави 56 годишнината од своето постоење, одговара на европските и современите стандарди, на она што во светот значи модерно образование?

Би рекол, повеќе години работиме на тоа да се осовременуваат наставните планови и програми. Особено откако почна Темпус фаре програмата, низ која имавме можност да реализираме преку 60 заеднички европски проекти, со кои, речиси на сите факултети, успеавме во таа наша намера. Целосно се осовременети, односно модернизирани, студиските програми и на тој начин пред официјало да се потпише Болоњската декларација со сите нејзини аспекти кои се наметнуваат, нашиот универзитет се вклопи во тоа европско миље на промени во високото образование.

Во оваа насока колку универзитетот ги користи придонесите на модерната технологија? Може ли да се зборува за информатичка опременост на факултетите и ослободување од оној конзервативен пристап на образованието, на што главно забележуваат студентите?

Во истиот период, паралелно со тежнението да направиме се што е можно од објективен карактер, правиме усилби да најдеме отворено поле за разговор со државата, пред се со министерството за образование и наука и дека се она што правиме треба да биде поддржано и од технички аспект. Живееме во време на огромна експанзија на информатичката технологија, кога се менува и начинот и пристапот кон предавањата, кон наставата. Но, малку успеваме во тоа. Мене ми забележуваат дека премногу го потенцирам тој аспект, финансиите и материјалните средства, но денеска е неможно да се биде успешен во наставата, да се следи чекорот и да се биде конкурентен, ако не се користат истите средства и методи. Не можеме да бидеме успешни, затоа што 98 па наваму, средствата наменети за финансирање на високото образование се намалени за цели 25 насто. Оттука произлегува дека нема начин да се прави проширена репродукција. И јас отворено кажувам дека со тоа што успеваме во поглед на квалитетот на наставата во високото образование, нашите студенти се феномени, а ние сме алхемичари.

Веќе го споменавте проблемот со недостатокот од финансиски средства. Ќе се реши ли проблемот во соработка со министерството за образование?

За сега не постои излез од таа тесна улица, што не овозможува поголема брзина на развој на високото образование во државните институции, со оглед на тоа дека во догледно време, не гледаме перспектива да се зголеми финансирањето на високото образование. Ние си земавме задача како високо образовни институции, да ја кажеме реалната цена на високото образование на државата. Објективно, гледајќи ги цифрите ние сме за десет пати помалку финансирани по студент од она што се финансирани некои од поранешните ју републики, со кои заедно бевме во еден образовен систем.

На адреса на универзитетот одвреме навреме стигнуваат критики за владеење на корупција во неговите рамки. Во која насока треба да се работи за да се ослободите од ваквите критики?

Видете вака, апострофиран е нашиот универзитет. Но, кога ќе земете еден податок, дека 70 насто од високото образование во републиката се на нашиот универзитет тогаш таквата појава е логична. Се појавуваат одредени случаи во одредени периоди. Колкава е таа појава? Каков замав има? Ние се трудиме да откриеме и да лоцираме. Но, треба да се има предвиде нешто што јас често пати го потенцирам. Ние сме научна институција и тоа не е главен предмет на нашата работа. Не е наша преокупација. Постојат инструменти, кои ги применуваат високо образовните институции и низ кои делуваат и против таквите појави како што се корупција и непотизам. Тие ги лоцираат лошите професори. Ние сме со закон обврзани да го воведеме процесот на евалуација. Тоа е оценување за квалитетот на настава и применување на методите за кои зборувавме и користи механизми како анкети коишто се тотално анонимни. Низ нив студентите може да ги лоцираат таквите појави и да ги пријават кај одредени професори.

Еве како што велите се воведуваат нови методи, во таа насока, до каде се реформите од Болоњскиот процес?

Пред малку нагласив дека со реформи во процесот на наставата пристапивме многу одамна и сето тоа резултира со согледување во која насока треба да ги правиме тие промени и голем дел се завршени. Сведоштво за тоа е дека од 2005-2006 година, кај нас ќе се применува европскиот кредит трансфер систем, кој во себе си ги содржи сите носечки аспекти во Болоњскиот процес.

Дали воведувањето на принципите согласно Болоњската декларација ќе го забрза процесот на признавање на македонските дипломи надвор во европски рамки?

Дипломите од повеќето наши факултети беа признаени во странство, признаени толку колку што тие се признаваат меѓу себе. И европските држави не ги признаваат дипломите на институциите една на друга. Но, сепак тоа сега ќе биде олеснето со европскиот кредит трансфер систем што ќе овозможи студентите дел од студиите да ги продолжат и завршат во странство, да се вратат со кредитни поени и без никакви процедури да добијат документи тука во нашата држава. А, згора на тоа, следниот документ што ќе биде ставен во практика, а тоа е допдатокот на дипломата, ова ќе го направи многу полесно.

Деновиве се донесе одлуката за дисперзија на некои институти од универзитетот во источниот дел на Македонија. За што станува збор?

Повеќе пати откако излезе во јавноста нашата идеја, посочуваме дека не пренасочуваме ниту институции, ниту институти, ниту делови од институциите, туку едноставно дисперзираме настава. Факултетите, ако утврдат дека надвор од Скопје и Штип, каде што е лоциран нашиот универзитет, има интерес и можности да се изведува настава треба да излезат во пресрет на таквите барања од кандидатите. Пред неколку дена имаше средба на градоначалници од повеќе градови во републиката, кои искажаа подготвеност да ни дадат услови за одвивање на наставата. И тогаш наставата наместо да се одвива тука, ќе се одвива таму или близу на живеалиштето на студентите.

Како гледате на повеќето приватни факултети кои се отворија во државава? Претставуваат ли тие конкуренција за универзитетот Св. Кирил и Методиј?

Најбитно за конкуренцијата е дека моментно немаме конкуренција. За жал. А, би било добро да ја имаме и да имаме со кого да се споредиме во државава. Но, во тој период додека не дојдат конкуренти рамни на нашиот универзитет ние ќе се обидуваме да се споредуваме со странските сродни институции, бидејќи работиме да се вклучиме во европскиот простор, каде што конкуренцијата е огромна.

И за крај, господине Мартиновски она што секако ги интересира идните студенти, ќе има ли промена во однос на бројот на студенти што ќе се примаат на универзитетот и околу висината на партиципацијата?

Според нашите предлози нема некои значајни промени во однос на лани, ниту во поглед на бројот, ниту во поглед на плаќањето. Нашиот универзитет прима околу четири илјади студенти во државна, и уште толку со партиципација.
XS
SM
MD
LG