Достапни линкови

Референдум за Уставот на ЕУ


Во Холандија денеска се одржува референдум за Уставот на Европската Унија. Холандскиот премиер Јан Петер Балкененде синоќа упати последен повик до граѓаните да го прифатат, оценувајќи дека Уставот е во интерес на земјата.

Холандија, како и Франција која во неделата го отфрли европскиот Устав, е една од шесте земји кои ја формираа Европската Унија. Затоа негативните резултати од нивните референдуми, според аналитичарите, би можело да имаат психолошко влијание врз натамошниот процес на ратификацијата на Уставот. Но, Европската Комисија е на спротивно мислење. Запрашана дали претседателот на Комисијата Хозе Мануел Барозо се уште ќе стои зад неговиот став дека Уставот може да биде спасен и покрај неговото одбивање на референдумите, портпаролката на Барозо, Франсоаз ле Баил вели:

,,Мислам да. Тоа е позицијата и на Комисијата. Мора да почекаме и да видиме што претседателот ќе каже, но, позицијата на Комисијата за ова прашање е јасно дефинирана во нејзината декларација усвоена во неделата. Тоа е дека земјите членки треба да ја продолжат ратификацијата.”

Ле Баил, оценувајќи дека Европската Унија се наоѓа во многу коплексна политичка ситуација наведе дека околу ова прашање се ќе биде појасно по евросамитот, закажан за кон крајот на јуни. Ставот на Европската Комисија дека членките мора да ја продолжат ратификацијата на Уставот можеби ќе стане неодржлив доколку, како што пишува Фајненшл Тајмс, Британија, во светлината на евентуалното холандско не, спроведе референдум. Деновиве агенциите ја цитираа изјавата на поранешниот потпретседател на Европската Комисија Нил Кинок во која тој оценува дека Уставот е веќе мртов. Од друга страна, повеќето други членки на Унијата најавија дека ќе ја продолжат процедурата на ратификација на Уставот. Токму тоа, според експертите, е главната причина зошто Европската комисија не сака ниту да размислува во песимистички правец. Во Уставот постои клаузула во која се наведува дека доколку по две години само четири петини од членките го имаат ратификувано, тогаш евро лидерите треба повторно да ја разгледаат ситуацијата. Тоа, како што изјави претседателот на Европскиот парламент Хозе Борел, значи дека доколку повеќе од пет земји не го усвојат, тогаш Уставот мора да биде откажан. Ваквата интерпретација веднаш беше отфрлена од Европската Комисија:

,,Комисијата сака уставот да биде ратификуван од сите земји членки. Не сакам да шпекулирам што ќе се случи доколку се појави проблем со пет, шест или седум земји.”

Вели портпаролот на Европската комисија Миколај Довгилевич. Како и да е, и постојната ситуација околу Уставот, како што сметаат аналитичарите, до некаде ќе ги одложи за извесно време важните реформи кои се во тек во Европската Унија по нејзиното проширување во минатата година.
XS
SM
MD
LG