Достапни линкови

Пратениците си гледаат само за своите џебови


И овој парламентарен состав не ги исполни очекувањата на граѓаните – дека парламентарците ќе се свртат кон решавање на нивните проблеми. Економските и социјалните теми многу ретко ја тресат собраниската говорница. Оттаму, разочараност од елитите кај народот, од немоќта на парламентарците да го амортизираат граѓанското незадоволство:

„Мислам дека се катастрофа. Никако не оди, ниту економијата.“
„За работникот не се заинтересирани, гледаат само за своите џебови.“
„Сите се во бифето. Ние кога не сме на работа ни одбиваат од дневница, а тие...“


Зошто се се сведува само на гола политика? Зошто отсуствува иницијативноста на народните избраници да отвораат економски теми? Зошто се се сведува на предлозите што доаѓаат од владата? Либерал – демократот, Андреј Жерновски, необегнувајќи ја самокритичноста одговорот го бара во политичкиот амбиент што овој парламент го наследи по 2001:

„Тоа беше имплементацијата на Охридскиот рамковен договор што одзема најмногу внимание и што е она што доминира. Иако, сакам пак да напоменам дека процесот на интеграции во ЕУ и НАТО, всушност е за граѓаните.“

Сепак, парламентот се доживува како арена за политички престиж и тоа е сосгојба што ја следи Македонија со години наназад:

„Факт е дека економските теми слабо преовладуваат во македонскиот парламент,“

вели Александар Флоровски.

Во македонскиот парламент има многу малку економисти, вели Тито Петковски, пратениците немаат финансиска поткрепа ниту служби самостојно да туркаат економски проекти:

„Владата форсира теми од областа на безбедноста, одбраната, а она што живот значи од економската сфера многу малку е присутно. Е сега, чекаме проекти коишто ги понуди премиерот како реформи во сферата на економскиот и социјалниот живот.“

Сепак, нешто мора да се менува, инаку ќе расте бројот на оние што ќе размислуваат како овој наш сограѓанин:

„Парламентот да оди во стечај, народот треба да поднесе стечајна постапка за парламентот.“
XS
SM
MD
LG