Достапни линкови

Јован Манасиевски, министер за одбрана. Членството во НАТО зависи од реформите и нивното исполнување


На 27 Советот на министри на НАТО треба да одржи состанок на кој ќе се расправа и за Македонија, до каде сме со реформите. Што може да очекува Македонија од овој состанок?

На 27 мај има редовно годишно сослушување на министрите за надворешни работи и одбрана, со цел постојаните претставници на земјите членки на НАТО во Брисел да го проценат годишниот напредок на државата на нејзиниот пат кон НАТО. Извештајот што го подготвува НАТО е веќе изготвен и поделен до претставниците. Извештајот за нас е поволен. Она што е значајно да се истакне е дека од година во година нашите извештаи се се подобри, така што и овој извештај во споредба со ланскиот е подобар. Особено извештајот е добар во делот на одбранбените реформи и за мене лично и за тимовите во министерството за одбрана повеќе од задоволителен. Така што, очекуваме да добиеме комплименти за она што сме го сработиле во делот на одбраната и се разбира поттик за она што останува да се направи уште, а има уште многу работи што треба да се сторат во наредните две години.

Што преостанува да направи министерството за одбрана?

Од она што останува да се направи најбитен елемент е трансформацијата на вооружените сили. Трансформацијата започна на 1 јануари 2005. Во текот на 2005 треба да се изврши трансформација на 60 насто од командите и единиците на АРМ. Во 2006 30 насто и во 2007 последните 10 насто. Така што, ние врз основа на проценките што ги правевме пред состанокот во Брисел, може да утврдиме дека веќе имаме 30 насто од трансформацијата во АРМ завршено, така што до крајот на годинава комплетно ќе го исполниме планот. Во делот на трансформација на Министерството за одбрана, резултатите ќе бидат подобри од планот. Со долгорочниот план министерството требаше да се трансформира до крајот на 2007, а според нашата интерна динамика ние ќе успееме да го трансформираме до крајот на 2005 година што значи, на пример, говорејќи низ бројната состојба, на 1 април годинава Министерството за одбрана имаше бројна состојба од 1150 луѓе, а на 31 декември годинава ќе има само 560 луѓе, што е во рамките на предвидувањата како крајна цел на реформите во делот на самото Министерство за одбрана. И што е најважно, ова намалување на бројот на вработените ќе биде направено безболно, значи без прогласување на технолошки вишок, туку со распределување низ низа други државни институции од безбедносен и одбранбен карактер и преку мерките на предвремено пензионирање што беа регулирани со законските одредби од 2003 година.

Господине Манасиевски, каква е застапеноста на заедниците во АРМ? Се појавија информации дека интересот нивен е многу мал за вклучување во АРМ?

Две програми се изготвени во Министерството за одбрана и усвоени во текот на месец март годинава. Едната е за професионални војници и за подофицери, значи персонал со средно образование и според неа до 2007 година треба да бидат постигнати таргетите за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во АРМ. А, за офицерите, значи за лицата со високо образование, таа програма ќе се реализира до 2013 година. И годинава се движиме според планот. Конкурсите беа објавени во април. Мое мислење е дека иако конкурсите во најголем дел се наменети за припадниците на етничките заедници сеуште нема доволен потребен одзив. Така што во идниот период ќе мора да се вложи поголем напор во доближувањето на овие конкурси и во мотивирањето на припадниците на етничките заедници да аплицираат на овие конкурси. Затоа што, иако самите програми се направени мошне добро, ако нема одговор и интерес нема да бидат реализирани.

Дали се реални очекувањата Македонија во 2006 година да ја добие поканата, а 2007 да станеме полноправна членка на НАТО?

Ако продолжиме да работиме вака како што работиме и ако го завршиме сето ова, да, во делот на одбраната. Како што знаете, НАТО е пред се политичка организација и потребно е исполнување на прецизно дефинирани политички критериуми. Тие се стандардни за сите земји апликанти, со тоа што секоја земја има и по некој специфичен услов. За Република Македонија тој специфичен услов е комплетното спроведување на Рамковниот договор. Како што знаете останати се уште два закони од тој договор и очекувам тие да бидат завршени во предвидените рокови. Со тоа ние ќе ги исполниме овој специфичен услов. А, останатите стандардни услови, тоа се функционалност на институциите, соодветен судски независен и ефикасен систем, како што знаете иницијативата за уставни промени помина, тука ни престои доста работа, меѓутоа луѓето од НАТО сакаат да видат дека се движиме во вистинска насока и дека ги преземаме вистинските чекори. Мора да сме свесни дека својата финална оценка НАТО нема да ја заснова само на плановите и програмите туку и на нивната успешна реализација. Што значи дека она што сме го ветиле дека ќе го направиме, ќе мора да биде завршено во предвидените рокови. Она што сме го ветиле во однос на поправката на изборната регулатива исто така ќе мора да биде завршено во предвидените рокови. И доколку сите работи си ги завршиме како што треба мислам дека ќе добиеме покана, туку таа неминовно ќе се случи.

Бевте во Приштина и се сретнавте со косовските власти и претставниците на УНМИК. После вашата посета остана нејасно дали УНМИК го смени ставот или остана на ставот дека демаркацијата треба да заврши пред решавањето на финалниот статус?

Па, видете, не е на мене да ги коментирам изјавите на УНМИК. Гледате дека во различни периоди се различни. Некои од нив се и помалку конфузни. Како министер за одбрана можам да го констатирам следново, од аспект на обезбедување и заштита на границата сите процедури функционираат сосема нормално. Се разбира дека решавањето на тоа прашање е многу значајно и за Република Македонија и за Косово, затоа што ќе значи затворање на едно прашање, коешто иако е техничко сепак создава атмосфера на недоверба и една непотребна вознемиреност. И дека решавањето на тоа прашање ќе биде во интерес и на побрзото и порелаксирано одвивање на преговорите на финалниот статус на Косово. Така што, од решавањето на тоа прашање полза ќе има не само Република Македонија, туку и косовските политички елити и регионот во целина затоа што уште едно прашање коешто може да создаде недоразбирање ќе се затвори. Така што, јас ја искористив и оваа прилика да ја пренесам оваа аргументација на македонската влада, притоа ненавлегувајќи во расчистувањето на правните лавиринти и правните толкувања на УНМИК дали има надлежност или не да биде факторот од таа страна на границата што ја има одговорноста и надлежноста за тоа прашање.

По посетата исто така излезе информацијата дека косовскиот претседател Ругова побара АРМ да соработува со КЗК?

Видете јас му објаснив на господинот Ругова тоа не е возможно, затоа што функциите што во Македонија ги врши АРМ на Косово ги врши КФОР и тоа не е само состојба што е актуелна во моментов, туку според плановите на НАТО и на меѓународната заедница таквата состојва ќе се задржи уште најмалку 10 години, без разлика од разговорите за финалниот статус. Тоа значи дека дури и под претпоставка Косово да добие независност, повторно функциите на армија на Косово ќе ги вршат силите на КФОР, така што партнер од таа страна на границата на АРМ е КФОР.
XS
SM
MD
LG